Во најголем дел од училиштата во земјава постои противпожарна опрема, но некаде таа ќе треба да се обнови и доосреди, истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Според нејзините зборови, иако сите училишта имаат противпожарна опрема, некои, особено во внатрешноста, не ги провериле противпожарните апарати во текот на годината, иако тоа е обврска која мора да се исполнува најмалку еднаш годишно.
„Сите апарати ќе бидат проверени, а ќе се контролираат и хидрантите за да се утврди дали се на правилното место и во исправна состојба. Овој процес е во тек, а општините играат важна улога во тоа, бидејќи согласно процесот на децентрализација, локалните самоуправи се одговорни за училиштата“, изјави Јаневска при посетата на основното училиште „Партенија Зографски“ во Кисела Вода, во придружба на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во одговор на прашањето дали се планираат обуки за учениците за справување со кризни ситуации, слично на онаа во клубот „Пулс“ во Кочани, министерката потврди дека организацијата на таквите обуки е во тек.
„Во изминатите неколку денови, покрај првата психолошка помош во кризните подрачја, имав неколку средби со Црвен крст, Меѓаши и други институции за зајакнување на образованието на учениците за тоа како да постапуваат во кризни ситуации. Се надевам дека нема да биде потребно, но знаењето е вредно, и ние почнуваме да работиме на тоа“, додаде Јаневска.
Таа истакна дека Црвен крст веќе работел на образование на младите за прва помош, но не и за кризни ситуации, како што се пожар или земјотрес. „Сега ќе го прошириме тоа и ќе го организираме онака како што треба. Имаме понуда од Германската амбасада да помогне во ова, и секако ќе ја прифатиме. Првично, ќе обучиме наставниците како да се однесуваат во кризна состојба, а потоа тие ќе пренесат знаењето на учениците. Важно е што процесот е започнат и ќе продолжи до неговото завршување на територијата на целата земја“, заврши Јаневска.