Можеме да научиме и примениме многу од другите регионални главни градови и европските метрополи, но претходно треба да си ги средиме работите внатре, бидејќи тоа нема само да се случи. Прашањето е што во моментов можат да видат странските туристи кои го посетуваат Скопје, вели Љупчо Јаневски, туристички експерт и универзитетски професор, запрашан што може да научиме од големите туристички метрополи и како истото да го примениме во нашиот главен град и да го направиме Скопје европска метропола во вистинска смисла на зборот.
Јаневски во интервју за „Локално“ вели дека тоа што ни недостасува и пречи на нас, не можеме да го подобриме со љубезноста или гостопримството, бидејќи се повеќе регионалите глвни градови нудат развојни концепти и визија за наредните децении, а ние сме заглавени во дневни проблеми.
-Во анкетите странските туристи ги нотираат следните проблеми: загадување, нехигиена, немање на јавни тоалети, недостаток на интерактивни мапи на градот, туристичко означување, очаен градски превоз, скапи услуги на такси превозот, неквалитетна услуга, заборавениот Скупи, Аквадуктот, несодветна категоризација на хотелите, немање на промоција, недостаток на манифестации во градот, недостаток на кустоси во музеите…, наведува Јаневски.