Јанша го пушти во употреба суперкомпјутерот „Вега“

од Vladimir Zorba

Со симболичен притисок на црвеното копче, словенечкиот премиер Јанез Јанша го лансираше суперкомпјутерот „Вега“ во Марибор, проект вреден 17,2 милиони евра, кофинансиран претежно од европски фондови.

На тој начин Словенија застана покрај светските суперсили во областа на информатичките технологии, рече по тој повод словенечкиот премиер, пренесe агенцијата Хина.

Тој додаде дека суперкомпјутерот, поставен во просториите на Институтот за информатички науки во Марибор, и именуван по словенечкиот математичар Јуриј Вега, ќе им служи на домашните и европските научници.

Според директорот на институтот Марибор, Алеш Бошњак, „Вега“ е еден од најсилните суперкомпјутери во светот.

„Во моментов има само 13 земји во светот кои имаат посилен супер компјутер“, рече Бошњак, пренесе Танјуг.

Суперкомпјутерот „Вега“ има моќност од 6,9 петафлопи, што е приближно како околу 50.000 персонални компјутери да ја вршат истата операција паралелно.

„Силата на нашиот суперкомпјутер е веднаш зад капацитетот на Велика Британија и е пред Русија“, рече проректорот на Универзитетот во Марибор, Зоран Рен, на церемонијата.

„Суперкомпјутерите ќе им овозможат на европските мали и средни претпријатија да влезат во високотехнолошката економија на иднината“, им рече на учесниците во видеото, потпретседателот на Европската комисија, Магрет Вестагер, одговорна за дигиталната трансформација на економијата.

„Уште поважно, во иднина, суперкомпјутерот ќе поддржува вештачка интелигенција и ќе го забрза идентификувањето на молекулите за нови лекови, како и ќе го олесни следењето на инфекциите со новиот коронавирус и со тоа ќе придонесе за спасување животи“, рече Вестагер.

Слични содржини