Јанша: Ќе се бориме против двојните аршини во ЕУ

од Vladimir Zorba
261 прегледи

Откако Словенија ќе го преземе претседателството со ЕУ од Португалија, премиерот Јанез Јанша рече дека неговата земја ќе се бори против двојните аршини во Унијата.

На церемонијата по повод Денот на државноста, тој симболично го презеде претседателството со ЕУ од португалскиот министер за надворешни работи, Августо Сантус Силва и рече дека Словенија, бидејќи по вторпат претседава со Унијата, има одредено искуство во водење на такви заедници.

„Знаеме што функционира, а што не, знаеме дека двојните аршини се патот до распаѓање и ќе се бориме за еднакви правила за сите“, нагласи Јанша.

Заблагодарувајќи се на португалското претседателство со ЕУ за, како што рече, „извонредната работа“ во тешки околности, Јанша рече дека Словенија ќе стори сé за да го направи постпандемичното закрепнување брзо и ефикасно и да ги постави темелите за стратешката автономија на Унијата што е можно побрзо.

Тој подвлече дека визијата за Словенија и ЕУ се заснова на слободно изразување на мислење, високи стандарди за заштита на човековите права и владеење на правото, што подразбира еднакви правила за сите.

Со обраќањето на Јанша во петокот заврши двочасовната церемонија на Денот на националната државност, на која присуствуваа највисоките словенечки функционери и политичари, верски лидери, како и високи гости од соседните земји и ЕУ.

Церемонијата ја одбележа 30-годишнината од словенечката државност, но и претстојното претседателство со Советот на ЕУ, кое официјално ќе започне на 1 јули.

Слични содржини