Јапонија со нови детали за урнатиот американски авион: Пронајдено едно лице и остатоци од леталото

од Stefanija Kuzmanovska
201 прегледи

Јапонската крајбрежна стража пронашла едно лице и остатоци во океанот за кои се верува дека се од американскиот воен авион „Оспреј“, кој се урна во водите кај јужниот јапонски остров Јакушима со осум лица во него, соопштија официјални лица.

Во моментов не се познати причините за падот на авионот и состојбата на пронајденото лице, како и состојбата на другите луѓе во авионот, изјави портпаролот на крајбрежната стража Казуо Огава.

Тој додаде дека авионот полетал од воздушната станица на американскиот маринци Ивакуни во префектурата Јамагучи и се урнал на пат кон воздухопловната база Кадена на јапонскиот остров Окинава.

Како што изјавил, се чини дека авионот се обидел принудно да слета на аеродромот на островот Јакушима пред да се урне, пренесува АП.

Крајбрежната стража добила повик од рибарски брод, кој се наоѓал во близина на местото на несреќата кај островот Јакушима.

„Авионите и патролните чамци на крајбрежната стража пронајдоа едно лице и сиви остатоци за кои се верува дека се од урнатиот авион“, рече Огава.

Американски воен авион со осум лица се урна денеска во океанот во близина на јапонскиот остров Јакушима, соопшти претходно јапонската крајбрежна стража.

Несреќата се случила околу 14 часот и 47 минути по локално време, а граѓаните пријавиле дека се запалил левиот мотор на авионот и дека леталото паднало во морето, јави јапонската телевизија МБЦ.

Слични содржини