Јапонската влада денеска одлучи да го одликува поранешниот премиер Шинзо Абе, кој беше убиен во петокот во западниот град Нара, со Виш орден на хризантема, највисоката почест во земјата.
Според соопштението на владата, Абе ќе биде четвртиот поранешен премиер што ќе ја добие наградата според повоениот устав, по Шигеру Јошида, Еисаку Сато и Јасухиро Накасоне, објави „Кјодо“.
Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе почина во петокот попладне во болница, а причина за смртта е загуба на крв, откако беше тешко ранет за време на говор во градот Нара.
Јапонскиот премиер со најдолг стаж беше застрелан и ранет од 41-годишен маж додека зборувал пред железничката станица Јамато-Саидаиџи во префектурата Нара, соопшти полицијата.
Тецуја Јамагами (41), жител на Нара, е уапсен на лице место поради сомнение за обид за убиство, се вели во соопштението на полицијата.