Јапонскиот премиер не е повреден во денешната експлозија (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
144 прегледи

Јапонскиот премиер Фумио Кишида не е повреден во денешната експлозија, која се случи пред почетокот на партискиот митинг во пристаниште на западот на земјата и тој е евакуиран на безбедно.

Според јапонските медиуми, едно лице осомничено дека ја предизвикало експлозијата е уапсено.

Експлозијата се случи во пристаништето Саиказаки во префектурата Вакајама непосредно пред Кишида да започне говор за поддршка на кандидатот за локални избори на неговата владејачка партија.

Јапонската телевизија NHK јави дека во експлозијата нема повредени и дека јапонскиот премиер по инцидентот бил евакуиран во локалната полициска станица.

Полицијата на лице место уапсила маж за кој веруваат дека ја фрлил експлозивната направа, но не го откриваат неговиот идентитет.

На снимките на јапонската телевизија се гледаат неколку полицајци во униформа и цивилна облека како го соборуваат младиот човек на земја.

Инцидентот доаѓа девет месеци откако поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе почина од повреди здобиени во напад додека држеше говор во западниот град Нара.

Денешниот напад се случи во пресрет на локалните избори и изборите за испразнетите места во Долниот дом на Парламентот закажани за 23 април.

Слични содржини