„Јас не нападнав никого, бев нападнат од градоначалникот“, кажа Јамалари за Арсовска

Обвинетиот категорично ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека бил жртва, а не напаѓач.

од Vladimir Zorba
50 прегледи

Денеска продолжи судењето против Сулејман Јамалари, обвинет за насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска кое се случи на 11 јули годинава.

Јамалари пред судот денеска тврдеше дека не е напаѓач, туку жртва на инцидентот дента кога Арсовска излезе на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба.

Обвинетиот категорично ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека бил жртва, а не напаѓач.

-Јас не нападнав никого, бев нападнат од градоначалникот. Таа пријде кон мене со телефон, јас само сакав да ѝ го тргнам телефонот, да не снима, изјави Јамалари пред судот.

Обвинетиот тврди и дека Арсовска го удрила со нога.

-Оштетената ме клоцна со нога над коленицата на левата нога, рече тој.

Обвинетиот изјави и дека по инцидентот на 11 јули 2025 не можел веднаш да оди во болница бидејќи бил задржан во полициска станица. Иако бил прегледан истиот ден, медицинските резултати пристигнале дури по полноќ.

Потврди и дека имало обострани пцовки меѓу него и Арсовска и додаде дека не се сеќава дали пцуел други присутни, но тврди дека опкружувањето на градоначалничката го навредувало.

На прашање дали се чувствува оштетен, Јамалари истакна дека сака градоначалничката да одговара за „она што го направила“.