Јасминка го победи вирусот и даруваше крвна плазма: Ковид 19 го поминав со лесни симптоми

од Берта Китинска
336 прегледи

Јасминка Богдановска, просветен работник од тетовско Непроштено, која се излечила од коронавирус, денеска донираше крвна плазма со што може да помогне во лекување други заболени.

-На 16 март ми беше дијагностициран КОВИД-19 и бев прва заболена во општина Теарце. Поминав релативно лесно, дома без поголеми симптоми, а потоа и два негативни теста. Во петокот во тетовската служба за трансфузија ми беше земена крв за испитување и беше утврдено дека има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста. Денеска крвната плазма ја дарував. Ги повикувам сите што ја победиле короната да даруваат крв и да спасат нечиј живот, изјави Богдановска.

Во крвната плазма на лицето кое било излечено од вирусната инфекција има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста.

-Плазмата која ги содржи овие антитела кои се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна плазма.Таа се користи за лекување на заболените од КОВИД-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста, објаснуваат од Институтот за трансфузија на нивниот веб сајт каде ги има сите податоци за процесот на дарување.

Постапка за дарување плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Трае од 40 до 60 минути, се издвојуваат од 300 до 600 милилитри плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми.

Слични содржини