Јавен долг од 9.730.100.000 евра или 58,5% од БДП – расте износот на задолжување на ЈП и државните фирми!  

Пресметката на податоците што ја направи „Локално“  покажува дека  внатрешниот долг се зголемил на  4.240.400.000 евра или за 112.300.000 евра во однос на вториот квартал додека надворешниот долг на ниво од 5.489.700.000 евра е намален за 96.400.000 евра

од Vladimir Zorba
22 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Надворешниот долг се намалил, внатрешниот се зголемил. Вкупниот Јавен долг во третиот квартал од годинава во споредба со вториот квартал достигна 9.730.100.000 евра или 58,5% од Бруто домашниот производ. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека како процентуален удел, јавниот долг изнесува 58,5% од БДП и во однос на второто тромесечје нема промена но како апсолутен износ тој е зголемен за 16.000.000 евра.

Пресметката на податоците што ја направи „Локално“  покажува дека  внатрешниот долг се зголемил на  4.240.400.000 евра или за 112.300.000 евра во однос на вториот квартал додека надворешниот долг на ниво од 5.489.700.000 евра е намален за 96.400.000 евра. На крајот на септември има пораст и на гарантираниот и на негарантираниот долг на Јавните претпријатија на локално ниво и на Град Скопје и на државните фирми па така гарантираниот долг достигна 1.175.400.000 евра додека негарантираниот долг 56.600.000 евра.

Во последниот извештај на Европската Комисија беше нотирано дека иако се забележува тренд на намалување на Јавниот долг, тој останува на високо ниво.

„Јавниот долг се зголеми за 4,3 процентни поени на годишно ниво на 62,4% од БДП во 2024 година, значително над нивото од пред пет години (49,2%). Иако учеството на надворешниот долг во јавниот долг се намалува во последните пет години (-5,7 процентни поени), тој останува висок, на 55,6%“ – нотира Европската комисија.

И домашните екперти упатуваат на зголемена внимателност со должничката позиција на државата.

Фото: Фејсбук/Фајнанс тинк

„Зголеменото задолжување секогаш носи фискални ризици, особено во контекст на структурен дефицит и продлабочување на јавниот долг. Затоа е важно секој заем да се оценува не само според неговата намена, туку и според долгорочната одржливост на јавниот долг и ефектите врз економскиот раст. Унгарскиот заем од околу 250 милиони евра беше насочен кон инвестициски циклус кај компаниите и општините, со цел преку инвестициската компонента на БДП да се поттикне економскиот раст. Според досегашните податоци, динамиката на растот е во рамките на проекциите, иако главниот двигател останува потрошувачката“ – изјави економистот Благица Петрески во интревју за „Локално“.

Министерството за финансии веќе најави нов “пакет“ задолжувања во 2026 та а дел од парите ќе се користат за враќање на доспеани обврски односно заеми. Така следната година Владата планира да обезбеди  950.000.000 евра преку Еврооврзница, 350.000.000  евра задолжување од други странски извори, без да се прецизира кои би биле тие,  и уште 400.000.000 евра задолжување на домашниот пазар или вкупно 1.700.000.000 евра нов заем е во најава за буџетската 2026 та.  Дополнитено во најава е „Британскиот кредити“ кој иако сеуште не е „фактуриран“ во јавните финансии,  според економистите ќе има влијани врз должничката позиција на државата кога ќе почне реализацијата, односно со повлекување на средствата.

Од Владата уверуваат дека состојбата со Јавниот долг следната година ќе биде стабилна.

„Буџетот на РС Македонија за 2026 година е планиран да биде консолидиран и реален, и обезбедува одговорно управување со јавните финансии и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг“ -се наведува во Буџетот за 2026 та.

Следната година по основ на доспеани обврски државата треба да ја отплати Еврообврзницата од 750.000.000 евра и треба да се исплатат уште 200.000.000 на други странски кредитори.

Д.А.