Јавноста на нозе по убиството на Вања: „Во системот има законска пречка – во првите 24 часа остава простор за полабаво настапување на институциите, до моментот на распишување на локалната потерница“

од Nikola Popovski
675 прегледи

Земјава е во шок од грозоморното убиство на 14 годишната Вања и 75 годишниот велешанец Панче Жежов. Јавноста се уште гледа со неверување и тага по злосторството на неколку лица, меѓу кои и лидерот на малата партија, Десна, Љупчо Палевски-Палчо. Полицијата трага по Палевски, за кого Обвинителството, по исказите на тројцата кои го признаа делото, смета дека бил и организатор и реализатор на убиствата. Најавена е и меѓународна потерница.

Дел од експертите сметаат дека засега полицијата добро си ја завршила работата, иако постои сомнеж околу бегството на Палевски. Според поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи и помошник-директор на Криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески, МВР ги презема сите потребни дејствија. Вели дека многу тешко е од обезбедување на основани сомненија, од моментот на пронаѓање на опожареното возило и обезбедување на траги од увидот, кои доведуваат до врската на една од жртвите и групата сторители на делото.

-МВР веќе третиот ден има одредени приведување кон лицата кои се обезбедени и министерот во саботата објави дека се приведени одредени лица и истрагата има напредок. Можеби има потфрлање, не само на МВР,туку и на Јавното обвинителство и на Центарот за социјални работи, во делот на информирање на јавноста, што создаде страв и револт кај граѓаните. Подолготрајна работа е истрагата и не можеме да бидеме незадоволни од она што досега е изработено во тој дел, со овие мали нагласоци дека ни се потребни системски промени во овој дел на криминал. Тоа се прашања секаде да ги разговараме за да не ни се создаде нов ваков настан, укажува Ѓурчески за „Локално“.

Оценува дека во системот има една законска пречка, која на пример во првите 24 часа остава простор за полабаво настапување на институциите, до моментот на распишување на локалната потерница.

-Ако вие видете кога за првпат беа објавени личните податоци за исчезнатото девојче, тоа беше направено на 28 ми ноември околу 12 часот, тогаш медиумите првпат добија слики со целокупниот опис на девојчето. Од првиот момент кога полицијата дознава дека некое лице не се појавило на училиште или на работно место, се преземаат одредени полабави мерки, за да веќе по распишување на потерницата, се отпочне на преземање на се што е потребно, што полицијата го направи. Се залагам таа одредба од Правилникот за вршење на работите од службата за јавна безбедност да биде укината и тоа време да биде сведено на минимално време од дознавањето до преземањето на сеопфатна потрага, ни рече соговорникот.

Според него, потребни се измени и поголеми овластувања.

-Има многу моменти, институциите да седнат и да расчистат. Станува збор за дисфункционално семејство – имаме доза на затајување и кај Центарот за социјални работи. Не велам дека не се грижеле за него, но еве до што не доведе…, истакнува Ѓурчески.

Од друга страна, поранешниот министер за внатрешни работи и универзитетски професор, Оливер Андонов, во разговор за „Локално“ истакна дека ние немаме систем на превентивна заштита на деца кога одат од дома до училишта или обратно.

-Тоа кај нас не функционира бидејќи немаме појави или искуства за грабнување. Превентивните елементи не се запазени во однос на јавната безбедност, на патот до дома и училиште и во самото училиште. Ако зборувате за конкретниот случај, има многу аспекти. Не ги знаеме случувањата во семејството и помеѓу родителите. Треба да се прашаат и психолозите. Многу неразјаснети моменти, вели Андонов.

Околу наводна вина кај полицијата или дали евентуално Палевски имал јатаци, кои му кажале што му се спрема, професорот вели дека се е во рамките на шпекулациите.

-Ако ги следиме исказите на министерот, немало никакви известувања дека можеби му било кажано за да може да побегне, но секогаш ќе постои сомнеж дека еден од осомничените можеби знаел дека се трага по него, па токму тогаш да замине од земјава. Секако ако МВР имало било какви сознанија, требал да биде сопрен на граница, и при најмал сомнеж, но прашање е дали за тие три дена имале одредени информации за можните сторители, говори Андонов.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара одговор од министерот за внатрешни работи и праша дали случајот се криел поради самитот на ОБСЕ што се одржа на крајот на минатата недела во Скопје.

„Бруталното и грозоморно убиство на 14-годишната Вања е пораз за цела држава. Тоа се случи и поради нефункционалноста на системот, неспособноста на институциите и неодговорноста“, се вели во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Спасовски ги отфрли обвинувањата дека случајот се криел. И МВР и Обвинителството во неколку наврати апелираа да не се шират шпекулации за случајот и дека ќе преземат санкции поради нивното ширење.

Н.П.

Слични содржини