Бурни реакции во јавноста откако Данела Арсовска физички беше нападната во Чаир, при увидот на дивоградба. Министерството за внатрешни работи по направените проценки, на градоначалничката на Скопје и определи 24 часовно обезбедување.
„Градоначалничката ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита. МВР останува посветено на својата основна мисија да обезбеди сигурност и заштита за сите граѓани на Македонија, без оглед на нивниот општествен или институционален статус. Министерството постапува согласно своите законски надлежности, темелно и професионално“, велат од МВР.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство бара притвор за еден од напаѓачите на Арсовска, за вториот се предложени мерки на претпазливост. „Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судот за определување мерка притвор за првоосомничениот, поради опасност од повторување на делото и можност за бегство. За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост: забрана за приближување и контакт со оштетените, забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и редовно јавување во судот“, велат од ОЈО.
Јавноста поделена за настаните од петокот. Според аналитичарот Џенур Исени, на тоа што се случи пред неколку дена не треба да се гледа изолирано, туку како дел од пошироки политички процеси каде што Арсовска, очигледно, е ставена во функција на одредени опозициски агенди.

Џенур Исени
-Наместо да биде глас на институционален интегритет, Данела Арсовска се претвори во фигура која сè помалку се сфаќа сериозно, и од јавноста, и од политичките актери, вели Исени во изјава за „Локално“.
Според него, кога станува збор за наводните документи што ги има поднесено до Обвинителството во врска со дивоградбите, сè уште нема транспарентност ниту јасност што точно содржат тие поднесоци.
-Доколку постојат конкретни индиции или докази, тогаш секако, Обвинителството треба да постапи соодветно и професионално. Но, сè додека ваквите прашања се третираат преку обвинувања на Фејсбук и прес-конференции без правна тежина, владеењето на правото останува на маргините, а институциите се девалвираат. Јавноста заслужува вистина, а не спектакли, оценува Исени.
Од друга страна, екс-пратеничката и аналитичар, Никица Корубин смета дека она што неизбежно го слушаме четири години мандат на Арсовска, е партискиот наратив, наметнат како став на јавноста за нејзината лична неспособност да го води градот, со упорно премолчување на најважното: градот всушност „го раководи“ советот, што до сега било незабележливо бидејќи партијата од која произлегува градоначалникот, речиси редовно има мнозинство и во советот.
Дали всушност овој наменски наратив, прашува Корубин, „кој се граничи со пропаганда, за нејзината “вина” и “невиноста” на партијата, кој кулминира деновиве со “објаснување и оправдување” на нападот е своевидна казна за нејзиното “одметнување” или предупредување за секој нареден потенцијален самостоен и независен кандидат, кој нема да биде поддржан од некоја политичка партија“?

Никица Корубин
-Што го отвора прашањето за најавата за независни кандидати, поддржани од политички партии. И зарем е воопшто потребно да коментираме, дека политичката функција која ја има министерот за внатрешни работи, не дозволува пристрасност и личен став кон некого, туку наметнува обврска за подеднакво постапување кон секого. И ја отвора дилемата, дали тој говори во име на министерството или во име на партијата, прашува соговорничката во разговор за „Локално“.
Во однос на нејзините дојави и поднесените документи за дивоградби во изминатиот период, Корубин вели дека кога логиката треба да се нагласува при очигледна ситуација, говори дека ситуацијата не е под контрола на институциите на системот и надлежните органи. Па, оттаму секако дека е логично, посочува екс-пратеничката, дека на секоја поднесена пријава, и тоа од страна на официјално лице кое секако има пристап до соодветна документација и е надлежна за процедурата, за сомневање за сторено кривично дело, независното обвинителство треба да постапува.
-Очекувам обвинителството да постапи, и покрај целата атмосфера на линч и дискредитација, насочена кон личноста на градоначалничката, но суптилно и посредно и кон целото општество и потребата за нормални демократски процеси. Но, ваква жестока сатанизација и дискредитација, на која сведочиме целиот нејзин мандат, очигледно има некоја причина. Дали овој повод за нејзин напад, ќе не’ одведе до причината, ќе видиме очигледно во блиска иднина, констатира Корубин.
Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече премиерот Христијан Мицкоски по обвинувањата од скопската градоначалничка дека кога била нападната, полицијата не реагирала. СДСМ со осуда за нападот врз Арсовска. Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на расветлување на инцидентот во Чаир, но и на разгледување и надзор на случајот со дивоградбите. Според партијата, само „СДС и бугарските политичари се во одбрана на Данела“.
Арсовска порача дека и покрај се, ќе продолжи да ги открива криминалите со дивоградбите. Арсовска со недели презентира докази за дивоградбите во Чаир, затоа, како што вели, подолго трпи закани по нејзиниот и животот на семејството.
Н.П.