Јелен предупредува за уште поголема криза: „Од ова САД ќе излезат како трајно послаба нација“

од Vladimir Zorba

Американскиот секретар за финансии Џенет Јелен предупреди дека закрепнувањето на САД ќе се претвори во рецесија доколку Конгресот не успее брзо да го подигне лимитот на федералниот долг.

„Конгресот го зголеми или суспендираше плафонот на долгот на земјата околу 80 пати од 1960 година. Сега тој мора повторно да го стори тоа“, изјави Јелен за најновото издание на „Волстрит Журнал“, пренесе Ројтерс.

„Ако ова не се случи во октомври, готовинскиот биланс на Министерството за финансии ќе падне на недоволно ниво, а федералната влада нема да може да ги плати сметките“, рече Јелен, предупредувајќи дека тоа може да доведе до „широко распространета економска катастрофа“.

„Тоа е прашање на денови. Можевме да видиме неограничени одложувања во критичните исплати. Речиси 50 милиони постари луѓе би можеле да престанат да примаат чекови за социјално осигурување. Воените трупи може да останат неплатени“, рече таа.

Јелен, исто така, предупреди дека неплаќањето на долгот на Соединетите Американски Држави „веројатно ќе предизвика историска финансиска криза“, што дополнително ќе го влоши продолжувањето на вонредната состојба.

„Неисполнувањето на обврските може да предизвика скок на каматните стапки, остар пад на цените на акциите и други финансиски превирања. Нашето сегашно закрепнување на економијата ќе се претвори во рецесија, каде ќе бидат изгубени милијарди долари и милиони работни места“, рече таа, додавајќи дека САД ќе излезат од оваа криза како „трајно послаба нација“.

„Ниту доцнењето, ниту заостанувањето не се подносливи. Изминатите 17 месеци беа тест за економската сила на нашата нација. Штотуку излеговме од кризата. Не смееме да се враќаме назад во криза што може целосно да се избегне“, рече министерот за финансии.

Business Roundtable, асоцијација на над 200 извршни директори на водечки американски компании, исто така ги предупреди американските конгресни лидери за можноста за економска криза доколку не успеат брзо да го зголемат ограничувањето на долгот.

„Неуспехот да се зголеми ограничувањето на федералниот долг на САД за да се исполнат американските обврски, би се создала криза што инаку би можела да се избегне и би претставувала неприфатлив ризик за националниот раст, создавање работни места и финансискиот пазар“, се вели во писмото на асоцијацијата до лидерите на Конгресот, пренесе Ројтерс.

Како дел од двопартискиот буџетски договор усвоен во август 2019 година, Конгресот го суспендираше лимитот на долгот до 31 јули. По враќањето на лимитот на долгот на 1 август, американското Министерство за финансии започна да користи „итни мерки“ за привремено да ја финансира владата.

Ограничувањето на долгот, вообичаено наречено плафон на долг, е вкупниот износ на пари што американската влада е овластена да ги позајми за да ги исполни постојните законски обврски, вклучително и социјалната сигурност и бенефиции, каматата на националниот долг и други плаќања.

Претходната голема должничка криза се случи пред десет години, за време на мандатот на претседателот Барак Обама.

Слични содржини