Јеремиќ: Решението на Вучиќ за Косово ќе доведе до „Голема Албанија“ и членство на Србија во НАТО

од Vladimir Zorba
261 прегледи

Претседателот на Народната партија (НС) и член на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), Вук Јеремиќ, изјави денеска дека „разграничувањето“ со Косово и дозволувањето на Приштина да влезе во ОН, што е решение кое го планира српскиот претседател Александар Вучиќ, незапирливо ќе доведе до создавање на Голема Албанија, укинување на Република Српска и членство на Србија во НАТО, на што Вучиќ би се согласил поради западната поддршка за да остане на власт.

Како што јави дописникот на МИА, Јеремиќ во интервју за руската телевизија РТ изјави дека “на Русија е, се разбира, да одлучи што е во нејзин најдобар интерес“.

-Според мене, начинот на кој Русија го третира Вучиќ многу потсетува на односот на Москва кон црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, пред Ѓукановиќ да се сврти на другата страна, кажа Јеремиќ.

Тој додаде дека „разграничувањето“ со Косово ќе биде Рубикон за Вучиќ, како што референдумот за независност на Црна Гора беше Рубикон за Ѓукановиќ, а откако ќе се премине Рубиконот, „има само еден пат кој завршува со членство во НАТО“.

-Вучиќ е близок партнер на Мило Ѓукановиќ, а Ѓукановиќ е постариот брат во овој поглед. Во Црна Гора, огромното мнозинство граѓани беа против членството во НАТО, но Ѓукановиќ не го праша народот, туку реши да ја донесе Црна Гора во Северноатлантската алијанса заради опстанок на власта.Вучиќ е најдобриот ученик на Ѓукановиќ на Балканот. Тие имаат заеднички советници и тесно соработуваат и над и под масата, рече Јеремиќ.

Опозицискиот лидер на НС рече дека Вучиќ отворено се залага за „разграничување“ и дека во зградата на ОН во Њујорк се разговарало на високо ниво на состанокот на Вучиќ со државниот секретар на САД, Мајк Помпео.

-На состанокот учествуваше и поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер. Улогата на Блер во настаните во 1999 година е добро позната и тој веројатно е најодговорен за нив. Ставовите на Блер за Косово се јасни, а тој учествува како советник на Вучиќ на состаноци на највисоко ниво. Што тогаш можеме да очекуваме од тие состаноци и напорите да се постигне т.н. „договор на векот“, праша Јеремиќ.

Слични содржини