Јоханес Хан: ЕУ ќе ја финансира изградбата на железничката линија Македонија-Бугарија

од Vladimir Zorba
150 прегледи

 

Европската унија  ќе ја финансира изградбата на железничката линија од Коридорот №8 која треба да ги поврзе Црното Море со Јадранското и поминува низ територијата на Република Македонија.

Тоа  го кажа  , комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан пред Дојче веле и прецизира дека од Брисел ќе предложат за финансирање вкупно 6 транспортни проекти – автопати и железнички-линии.

“Еден од железничките проекти е поврзан со познатиот Коридорот №8, кој треба да направи врската исток-запад од Бугарија во Македонија и да стигне до Албанија”, истакна Хан. Изјавата на еврокомесарот дојде неколку часа пред средбата на врвот “ЕУ – Западен Балкан” во рамките на Берлинскиот процес кој се отвора денеска во италијанскиот град Трст.

Средбата, која се одржува под покровителство на Италија, како претседавач на Советот на ЕУ, е организирана на највисоко ниво. Во неа ќе учествуваат премиерите на шесте земји од Западен Балкан, вицепремиери, министри за надворешни работи, за економија и за транспорт, високи државници на земјата домаќин, претседатели и премиери на одделни европски земји, како и претставници на ЕУ и на Европската комисија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, комесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, како и комесарот за транспорт Виолета Болц.

 

Во фокусот- транспортот и енергетиката

Во делот на инфраструктурата, ЕУ планира да привлече меѓународни финансиски институции преку финансирање на грантови за Западниот Балкан. Фокусот ќе биде на транспортот и енергетиката. Целта е да се формира пазар од 20 милиони потрошувачи кој ќе придонесе за побрз развој на регионот, но и за негово меѓусебно, и приближување кон ЕУ.  Во Брисел, притоа, ги отфрлаат сугестиите и критиките дека на овој начин се формира некаква нова „Југославија” и тврдат дека тоа воопшто не е целта, а како пример за регионалното поврзување ги наведуваат балтичките држави. „Пазар од 20 милиони луѓе е многу атрактивен, а соработката на регионално ниво ќе им помогне на земјите да биде поконкурентни во самата ЕУ тогаш кога ќе станат дел од неа”.
Најважната цел на ЕУ сега е да ги убеди земјите од Западниот Балкан „дека се дел од нас, дека се дел од семејството”, вели висок ЕУ дипломат.

Во рамките на самитот премиерот Зоран Заев, заедно со средбите со највисоките европски државници и претставници на ЕУ и ЕК, ќе одржи и билатерални средби со премиерот на Албанија, Еди Рама, на Србија Ана Брнабич и на Словенија Миро Церар.

Македонија на самитот во Трст, како четврто продолжение на ткн. Берлински процес, ја претставуваат премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министрите за надворешни работи и транспорт Никола Димитров и Горан Сугарески.