Јоханес Хан: Многу е важно да се најде општоприфатливо решение за спорот околу името на Македонија

од Vladimir Zorba
124 прегледи

Јоханес Хан повика владата и опозицијата да се фокусираат на итните реформи

Високо  ги ценам напорите на македонскиот премиер Зоран Заев за контакти со колеги од Бугарија и Грција. Многу е важно да се најде општоприфатливо решение за спорот за името на Република Македонија и патот кој води до напредок. Ова го изјави Јоханес Хан, комесар на Европската политика за соседство и преговори за проширување пред europeanwesternbalkans.com.

Еврокомесарот истакна дека Брисел е подготвен да помогне за ублажување во овој процес на преговорите меѓу двете страни за името што се водат со посредство на ОН.

Јоханес Хан ја овика владата и опозицијата да се фокусираат на итните реформи и приоритетите од договорот во Пржино. Така земјата ќе се врати кон евроатлантската ориентација, нагласува тој.

Еврокомесарот Хан во интервју за „Јуропеан вестерн балканс“ (European Western Balkans) во пресрет на самитот на лидерите на Западен Балкан кој следната недела ќе се одржи во Трст вели дека новата влада мора да се фокусира на Итните реформски приоритети.

– Испраќам група експерти за владеење на правото во Скопје за да го следат развојот на случувањата кои се однесуваат за препораката на државата од 2015 година и за да ја советуваат новата влада по системските прашања за владеење на правото. Првата посета се случи на 27 јуни кога лидерот на тимот Рајнхард Прибе го посети Скопје. После неговата посета целиот тим ќе биде во Скопје од 17 до 21 јули – вели Хан.