Јорданов: Граѓаните на Штип се казнети од централната власт затоа што на последните избори гласаа против владејачката партија

Се трудиме да го развиваме градот и да функционираме спрема потребите на граѓаните. Ние согласно нашите надлежности работиме да обезбедиме добра инфраструктура и услови за инвестиции во приватниот сектор, истакнува градоначалникот

од Vladimir Zorba

Граѓаните побараа промени, се надевам дека тие промени веќе се видливи. Секако дека секогаш може подобро, но со оглед на околностите и разликите со централната власт, се чувствувам исполнет со самата помисла дека даваме сѐ од себе да најдеме решение за проблемите со кои се соочуваат граѓаните секојдневно и воедно да генерираме развој на градот со реализација на проекти од суштинско значење, вели во краток разговор со „Локално“ градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Секој град е посебна приказна за себе,а Штип за мене е еден и единствен, вели Јорданов на прашањето за модел на европски или светски град по кој би сакал Штип да функционира .

-Се трудиме да го развиваме градот и да функционираме спрема потребите на граѓаните. Ние согласно нашите надлежности работиме да обезбедиме добра инфраструктура и услови за инвестиции во приватниот сектор, истакнува градоначалникот.

За обвинувањата од владејачките партии дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не работат ништо, Јорданов контрира дека „СДСМ како власт во заминување,заглавени во нивната неспособност и скандалите кои ги следат нормално е да критикуваат и манипулираат со надеж дела ќе добијат дневно политички поени“.

Додава дека граѓаните на Штип се казнети од централната власт затоа што на последните избори гласаа против владејачката партија.

-Еве,јас би сакал да се пофалат дека ќе ја откочат првата општинска обврзница за капитални инвестиции која намерно е заглавена во владата поради политички разлики во централната и локалната власт, смета Јорданов.

За шансите на неговата партија да формира Влада по следните избори, Градоначалникот на Штип е на мислење дека ВМРО – ДПМНЕ е партија на народот,дека напорно работат за подобро утре на сите граѓани без разлика на етничка,верска или било каква друга припадност.

-Граѓаните тоа го гледаат и сум убеден дека мандатот за формирање на следната влада ќе го добие ВМРО – ДПМНЕ, завршува Јорданов во интервјуто.

Влегувате во третата година од вашиот мандат како Градоначалник на Штип. Задоволен ли сте од досегашниот развој на општината под ваше раководство?

-Граѓаните побараа промени, се надевам дека тие промени веќе се видливи. Секако дека секогаш може подобро, но со оглед на околностите и разликите со централната власт, се чувствувам исполнет со самата помисла дека даваме сѐ од себе да најдеме решение за проблемите со кои се соочуваат граѓаните секојдневно и воедно да генерираме развој на градот со реализација на проекти од суштинско значење. Секојдневите контакти со граѓаните на Општина Штип ми даваат за право да кажам дека Штип се развива и сме на вистинскиот пат.

Колку зголемените трошоци поради инфлацијата и економската криза влијаеше врз работењето на Општината?

-Кратко по превземањето на функцијата градоначалник практично се случи и економско-енергетската криза и ценовната инфлација која што следуваше. Електричната енергија во јавните претпријатија се зголеми дури за 10 пати,а основните материјали за работа исто така ценовно пораснаа за неколку пати. За жал во тие моменти немаше никаква реакција и донесување на мерки од владата за полесно справување со кризата,но и покрај ова, успеавме да се справиме. Општина Штип беше општина со најголема заштеда на eлектрична енергија во регионот и задоволен сум од начинот како го пребродивме тој период со реализација е многу проекти во време на економска криза.

Македонија мака мачи со човечки капитал, работници недостасуваат насекаде, младите бегаат во странство. Како ги решавате проблемите со недостатокот на работна сила во вашиот град, дали е доведено во опасност функционирањето?

-Штип како уневерзитетски, образовен, здравствен и културен центар на истокот, за разлика од некои други градови, можам да кажам дека е прилично стабилен по ова прашање. Со поголемо внимание и соработка со централната власт и реализација на неколку капитални проекти како што е на пример завршување на изградба на клиничкиот центар кој од 2017 година стагнира со изградбата, можеме да направиме се помалку наши сограѓани да размислуваат за заминување.

Сигурно имате модел на европски или светски град по кој би сакале Штип да функционира. Кој е тој и како да се стигне до тоа ниво за да се избегне заминувањето на штипјани?

-Секој град е посебна приказна за себе,а Штип за мене е еден и единствен. Се трудиме да го развиваме градот и да функционираме спрема потребите на граѓаните. Ние согласно нашите надлежности работиме да обезбедиме добра инфраструктура и услови за инвестиции во приватниот сектор .

Иван Јорданов

Иван Јорданов

Кои се капиталните проекти во 2024-та на кои најмногу ќе обрнете внимание како Општина?

-Изградбата на спортска сала која е децениска желба на штипјани веќе е реалност и по спроведување на сите процедури очекуваме да започне со изградба првата половина од 2024 година. Исто така напорно работиме и за реализација на други капитални инвестиции како што се : обиколница за која веќе имаме основен проект и проектна документација ,булевар “Партизанска”,завршување на главна водоводна линија 2 и почеток на изградба на нова детска градинка.

Како ќе ја оцените соработката со централната власт, дали има опструкции? Оттаму се фалат дека ви дале 456 милион иденари, што е во висина на едногодишен основен буџетна општина Штип…

-Граѓаните на Штип се казнети од централната власт затоа што на последните избори гласаа против владејачката партија. Еве,јас би сакал да се пофалат дека ќе ја откочат првата општинска обврзница за капитални инвестиции која намерно е заглавена во владата поради политички разлики во централната и локалната власт.

Граѓаните, според СДСМ, се крајно незадоволни од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, а за вас велат дека не сте исполниле многу работи кои сте ги ветиле, но затоа се зголемени цените на јавните услуги, се продава дел од простор на ЈП Стипион и ЈП Исар, се зголемени цените на паркингот, а скандалите со ваши соработници не се решени…Вашиот одговор на обвинувањата? 

-СДСМ како власт во заминување,заглавени во нивната неспособност и скандалите кои ги следат нормално е да критикуваат и манипулираат со надеж дела ќе добијат дневно политички поени. Цените на услугите се покачени за да можат нормално да функционираат јавните претпријатија кога владата беше нема на барањата да донесе мерки за ублажување на економско енергетската криза. Граѓаните за разлика од порано сега гледаат дека со средствата кои се прибираат согласно законските регулативи се инвестира и се гради согласно нивните потреби во секоја населба од градот.

Од друга страна упативте голем број обвинувања кон вашите претходници и обвинивте за тешки криминали. Дали некои од тие случаи се решени?

-Ние ги алармиравме надлежните институции за сите неправилности кои ги нотиравме,одговорот дали има разврска од тоа треба да го добиеме од други надлежни органи.

Влегуваме во изборна година, ни претстојат претседателски и парламентарни избори. Од вашата партија најавуваат голема победа, но сето тоа останува во рамките на македонскиот гласачки електорат. Ќе успее ли ВМРО-ДПМНЕ да формира Влада на претстојните избори?

-ВМРО – ДПМНЕ е партија на народот,ние напорно работиме за подобро утре на сите граѓани без разлика на етничка,верска или било каква друга припадност. Граѓаните тоа го гледаат и сум убеден дека мандатот за формирање на следната влада ќе го добие ВМРО – ДПМНЕ.

Н.П.

Слични содржини