Јордановска: Термини за тестирање на државно нема, седиш со симптоми и не знаеш дали е настинка или корона

од Берта Китинска
537 прегледи

Термини за тестирање за Ковид-19 на државно НЕМА. Едноставно, НЕМА. Седиш со симптоми 3 дена, не знаеш дали е настинка, дали е грип, дали е корона, пишува во својот Фејсбук статус новинарката Мери Јордановска.

Таа од своето искуство кажува дека и матичниот лекар не може да одреди дали станува збор за коронавирус или грип, тестовите  на приватно се премногу скапи.

„Ниту матичниот не може да одреди, освен доколку изгубиш осет за мирис и за вкус, па седиш дома, пиеш табаско сос и душкаш се низ станот, па чекаш евентуално сабота да се види дали ќе се ослободи термин во Тетово или во Куманово.

Пари за приватно тестирање немаш. Четири илјади денари за некои луѓе се многу! Домашните не знаат дали треба да се изолираат или да продолжат да си одат на работа. ТИ самиот не знаеш дали треба да се изолираш.

Зборувајте ми за маски на отворено и за скратување на работното време на кафичите за еден саат. Џабе е се, ако го немаш ОСНОВНОТО ПРАВО на здравствена заштита.

Приватните лаборатории мора да ја намалат цената за тестирање, а право на тестирање МОРА првично да имаат лицата кои развиваат симптоми. Да не се чудиме после од каде толкава смртност! Касно се јавувале – па нормално дека касно ќе се јавуваат кога нема еден факинг термин и треба да чекаш 8 дена, додека не зоврие па да те хоспитализираат.

А дури сега, кога ќе почнат настинките и гриповите не чека најголемиот хаос! Системот ни е пред колапс, секако, освен за богатите и за оние со врски, па можат комотно сите од едно домаќинство да си лупнат 16.000 и да си добијат резултати, па и подобар третман.

Зборувајте ми за одговорно однесување, но во оваа држава и да сакаш, не можеш одговорно да се однесуваш. Зашто во ваков хаос веќе не знаеш ни што е одговорност, а што криминал.

И не ми нудете врски за тестирање, ве молам. Уште толку ќе ми ја потврдите веродостојноста на статусов“, пишува Јордановска.

Слични содржини