Членката на Судскиот совет и поранешна адвокатка, Сузана Јошевска Анастасовска не се согласува со изјавата на министерот за правда, Игор Филков кој побара Судскиот и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници за да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката, Артан Груби наместо во ефективен да заврши во куќен притвор.
Јошевска порачува дека судија не смее да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор.
„Нема потреба од итна седница на Судски совет за да се расправа основно правило во кривична постапка“, објави членката на Судскиот совет на социјалните мрежи.
За Филков, со завчерашната одлука се разнишува довербата во правната држава и предупреди дека залудно е да се носат закони ако соодветно не се спроведуваат, и ако се носат одлуки кои во прашање ја доведуваат еднаквоста пред законот.
Министерот побарал и добил уверување од Управата за извршување санкции за безбедносните услови во притворските установи, вклучително и во Истражниот затвор Скопје, од каде порачуваат дека безбедноста на секое притворено лице, вклучително и на Груби ја гарантира државата.
Партијата на Груби, ДУИ апелира Филков да се воздржи од натамошни јавни интервенции за овој случај, а ако, според нив, таквата пракса продолжи, бара министерот да биде разрешен. Во реакцијата се најавува и дека ДУИ ќе го следи случајот и за случувањата ќе ги извести стратешките партнери, вклучително САД, ЕУ и Мисијата на ОБСЕ во Македонија.
Од МВР велат дека со Обвинителството ги споделиле сите информации и сознанија, и оти одлуката е на обвинителството и на судот. Обвинителството соопшти дека предложиле куќен притвор за Артан Груби затоа што МВР и АНБ процениле дека тој нема да е ебезбеден во притворот во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Поранешниот вицепремиер од ДУИ завчера беше уапсен на граничниот премин Блаце, по 14 месеци бегство. Тој е осомничен за проневера од 8 милиони евра во Државна лотарија.