Јотова: Бугарија не наметнува дополнителни услови за Северна Македонија, туку сака таа да ги исполни европските критериуми за членство

од Vladimir Zorba
102 прегледи

Бугарија не наметнува никакви дополнителни услови на Република Северна Македонија за нејзино пристапување во Европската Унија. Нема билатерална блокада на преговорите. Бугарија сака да ги почитува европските критериуми. Во договорот постигнат во 2022 година со рамката на ЕУ, врз основа на францускиот предлог, нема бугарски претензии, туку европски критериуми за членство, од кои главен е заштитата на човековите права. Ова го истакна потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на отворањето на форумот „Европската унија се среќава со Балканот“. На настанот присуствуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Европската унија преку проширувањето значително ја зголемува територијата на заедничките вредности кои се основа на европската конструкција. Станува збор за човекови права, за владеење на правото“, нагласи Илијана Јотова. Потпретседателката посочи дека не треба да се прават компромиси со критериумите за европско членство, без разлика на геополитичките околности. Таа го изрази својот став против предлозите за усвојување на прашањата за проширување со квалификувано мнозинство од земјите-членки.

Јотова ја опиша европската политика за Западен Балкан како нестабилна и променлива. Таа потсети дека темата за проширување, која беше напуштена по Солунскиот процес во 2003 година, ја водеше Бугарија за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ во 2018 година.

„Софиската декларација е исклучително силен и важен документ кој, за жал, не беше дополнително развиен“, посочи Јотова.

Потпретседателката на нашиот источен сосед е убедена дека без Западен Балкан Европа не може да биде светски лидер во ниту еден поглед.

„Запирањето или замрзнувањето на процесот на проширување ќе донесе уште поголема нестабилност, конфликти и влијание на други непријателски сили кон нас“, рече Јотова.

Според неа, потенцијалот на новите земји-членки ќе ја направи ЕУ поконкурентна, способна да ги заштити своите интереси и нејзиниот суверенитет.

Слични содржини