Новинарката на КРИК, Бојана Јовановиќ, за „Пробуди се“ на ТВ Нова С изјави дека нема потреба да се објавуваат језивите фотографии од убиствата извршени од групата на Вељко Беливук, што беше направено во саботата од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ и министерот за одбрана Александар Вулин, по седницата на Советот за национална безбедност. Според неа, ниту овие фотографии, ниту евентуалните снимки не се доволен доказ за судот да ги осуди членовите на оваа група за убиство, бидејќи ги нема телата.
„Сите се прашуваме зошто е направено тоа, самите фотографии немаат никакво значење за јавноста, за граѓаните, ниту пак гледам дека можат на кој било начин да помогнат во истрагата. Не мислам дека некој од граѓаните смета дека криминалците и членовите на организирани групи не се брутални. Ако некој е обвинет за убиство, бруталноста е претпоставка, бидејќи убиството само по себе е брутално дело. Групата е обвинета за овие убиства, тие ги намамиле своите жртви во куќа во Ритопек, а потоа се ослободиле од телата користејќи некои хемикалии и киселини. Само овој опис е доволен за граѓаните да бидат свесни за бруталноста. Едноставно, нема потреба да се докажуваат со фотографии или снимки“, изјави Јовановиќ за „Пробуди се“, коментирајќи го објавувањето на фотографиите од убиствата по седницата на Советот за национална безбедност.
На прашањето дали тоа е доволно како доказ пред судот, Јовановиќ веле дека не е.
„Јас не сум правник, но мислам дека една фотографија, две или три, не се доволни за да обвините некого за убиство. Она што досега го знаеме се три фотографии, на конференцијата можевме да слушнеме дека има неколку видеа, повторно не знам колку тоа ќе биде важно како доказ пред судот, но факт е дека има проблеми во истрагата. Првата работа е што нема тела, и ако нема тела, практично нема убиство, многу е тешко да се докаже. Истрагата се темели на 2019 и 2020 година, што е многу проблематично, ние во КРИК претходно пишувавме за таа криминална група. Формирана е во 2013 година“, рече Јовановиќ.