Јовановиќ: Крвта во Собранието не беше изолиран случај, туку многу темелно разработено сценарио

од Берта Китинска

Оваа држава беше киднапирана, а 27 април 2017 година беше ништо друго освен крешендо на целата атмосфера која се одвиваше изминатата декада. Крвта во Собранието не беше изолиран случај, туку многу темелно разработено сценарио, вели за „Локално“политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ, додавјаќи дека денешната средба помеѓу шефот на државата Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да му овозможи на претседателот на политичката партија национално помирување.

-Ми се чини дека Пендаровски е наивен, од причина што тој ќе разговара со Мицкоски, и начелно тука нема никаков проблем; но, проблемот лежи така што Пендаровски како да не’ сфаќа дека на Мицкоски му ја пере нечистата совест заради нивното политичко минато кое е, зошто да се лажеме, злосторничко на многу нивоа. Оваа држава беше киднапирана, а 27 април 2017 година беше ништо друго освен крешендо на целата атмосфера која се одвиваше изминатата декада. Крвта во Собранието не беше изолиран случај, туку многу темелно разработено сценарио. И со тоа вие како одговорен претседател на држава не можете и не смеете ноншалантно да се однесувате и’ да релативизирате, анализира Јовановиќ.

Тој смета дека во овој период нападите кон СДСМ ќе се зголемат, но партијата ќе треба да најде нова мотивациона парадигма за да ги подигнат, како што оценува „разочараните и да ги вклучи активно во политичките процеси“.

-Нападите кон премиерот Заев ќе се зголемат. Затоа што неговата политичка платформа е европска, хумана и цивилизациска. На таква платформа, најмногу збудалуваат ретроградните сили кои како културен код го признаваат единствено националистичкиот. А тој културен модел не може никого и ништо да помири, дополнително, така само ќе ја дезинтегрира земјата, дополнително ќе ја фрагментира и растура. Мицкоски на изборите ќе има исто гласачко тело какво што имаше и на парламентарните избори минатата година. И тука нема ништо да се промени. Ќе ги лови гласовите исклучиво во македонскиот етос. Со СДСМ и Заев ситуацијата е поинтересна. Тие мора да најдат нова мотивациона парадигма, да ги подигнат разочараните и да ги вклучат активно во политичките процеси. СДСМ мора да се избори уште еднаш, бидејќи денес се работи многу повеќе за душата на нацијата одошто порано. Уште еднаш мора да покаже, во што длабоко верувам, дека ќе ја добие добрата страна од земјата и народот бидејќи исправноста за добрите политики и вистината е на нејзина страна. Верувам дека СДСМ и Заев ќе успеат повторно и на овие локални избори, објаснува аналитичарот.

Во однос на тоа дали ќе има удар врз правосудството доколку има амнестија од Пендаровски за осудените од 27 април, Јовановиќ вели дека злосторството што го изврши ВМРО-ДПМНЕ го има направено во име на патриотизмот и нацијата со цел да се прикрие бегството на екс премиерот.

-Во оваа земја секоја добра работа дури и во наводници е на удар. Наопаку е се’. Ама се работи за чисто допаѓање на “малиот човек”, оној човек што заборава – ако и некогаш знаел – да го разграничи доброто од лошото; барем ако ништо друго да опстојува на оние принципи на кои почиваат секуларните и хуманистичките вредности на кои се создадени сите развиени земји и западни демократии. Имено, ВМРО-ДПМНЕ не правеше злосторства во самопослуга или на бензински пумпи. Таа партија правеше злосторства во државата, меѓу живи луѓе. Злосторството го правеше во име на патриотизмот и нацијата. Целта беше да се прикрие огромната пљачка на поединци кои денес едниот побегна во багажник како последен криминалец, а главните финансиери и шефови се во затвор, односно во притвор. Судевите, од друга страна, очигледно се професионализираат и работат за тоа што се платени. Значи го работат словото на законот. И така треба да остане, објаснува Јовановиќ.

Според него злосторството и припадноста мора да се раздвоени.

– А, ако сака Пендаровски да ги амнестира злосторниците од 27 април 2017 година во име на “иднината на народот”, може тоа да го направи, ама не може во мое име! Се’ уште знам кои се злосторниците, а кои се добрите, и не прифаќам амнестија. До толку можам да проценам кој е кој, и што е што, вели Јовановиќ.

Б.М.

Слични содржини