Интервју со Јовановиќ: Владата да се врати на контролирање на цените на храната и горивата, за да спречи ескалација на инфлацијата

од Vladimir Zorba
784 прегледи

За Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, одлуката на НБРМ да ја зголеми основната каматна стапка  е добра , но само доколку во понатошниот период не ја крене премногу. Во интервју за „Локално“, тој предупредува дека референтнта камата не смее да се зголеми над 2% , затоа што тоа според него ќе доведе до покачување на каматите и кај комерцијалните банки и ќе создаде дополнителен товар за граѓаните и фирмите. Смирувачки тонови упатува само за кредитите со фиксни каматни стапки.

Овие граѓани и фирми  не треба да се грижат, барем додека им трае фиксниот период, но оние кои имаат кредити со варијабилни камати, треба да бидат свесни дека ратите за кредит најверојатно ќе им пораснат. Сепак, доколку не дојде до позначајно покачување на каматата на НБРМ во наредниот период, зголемувањето на ратите не би требало да биде преголемо“, вели Јовановиќ.

Причината за стапката на инфлација која како што вели е највисока од 1995 година наваму и е една од најголемите  во регионот, ја лоцира во неефективните мерки кои според него го забрзаа растот на цените.Дециден е дека единствен начин да се забави нагорниот тренд на инфлацијата е Владата да се врати на политиката на контрола на цените на храната и горивата. Во спротивно, вели Јовановиќ  ќе се соочиме со сериозни економски, социјални па и политички реперкусии.

„Владата згреши што го укина замрзнувањето на цените на прехранбените производи во март. Згреши и што не ги замрзна цените на горивата, како што направија некои земји од регионот, па и од ЕУ. Доколку ги замрзнеше и горивата, заедно со храната,инфлацијата веројатно ќе беше пола од ова што го гледаме сега“, вели Јовановиќ .

Во однос на ребалансот и најавата на владата дека од буџетот ќе се скратат 100 мил евра непродуктивни трошоци, саркастично забележува дека вистинското прашање е зошто воопшто биле дозволени толкави непродуктивни трошоци. Според него, клучно е  владата да продолжи со  стимулативната фискална политика и да го  врати прогресивниот данок.

НБРМ одлучи повторно да ја зголеми референтната каматна стапка.Што тоа ќе значи за граѓаните и стопанствениците кои веќе имаат кредити или допрва одлучуваат да се задолжат во банките? 

-Покачувањето на каматната стапка на НБРМ е со цел да се прати порака дека централната банка презема нешто околу инфлацијата, и тоа е во ред. Но НБРМ исто така мора да внимава да не ја крене каматата премногу, па да ѝ нанесе дополнителна штета на економијата. Конкретно, не смеат да ја зголемат каматата на повеќе од 2% наскоро, затоа што тоа сигурно ќе доведе до покачување на каматите и на комерцијалните банки, што ќе ги оптовари граѓаните и фирмите дополнително во целата оваа криза. Граѓаните и фирмите кои имаат кредити со фиксни каматни стапки не треба да се грижат, барем додека им трае фиксниот период, но оние кои имаат кредити со варијабилни камати, треба да бидат свесни дека ратите за кредит најверојатно ќе им пораснат. Сепак, доколку не дојде до позначајно покачување на каматата на НБРМ во наредниот период, зголемувањето на ратите не би требало да биде преголемо.

Инфлацијата во РСМ достигна двоцифрена бројка. Дали ве загрижуваат ваквите бројки и состојби?  

-Априлската инфлација од 10.5% дефинитивно загрижува. Тоа е највисоката стапка на инфлација од 1995 година, односно, од хиперинфлацијата од раните 1990-ти. Уште повеќе загрижува фактот што инфлацијата забрзува последните 2 месеца, наместо да забави. Трошоците за живот во април се повисоки од февруарските за 4%, што пренесено на годишно ниво е еднакво на инфлација од 24%. Владата сериозно потфрли со мерките против инфлацијата во последните два месеца и тоа ќе има сериозни економски, социјални, па и политички реперкусии.

Бројките покажуваат дека цената на маслото за јадење на пример само за еден месец, скокнала за 20 %. Што го поттикнува растот на цените на сите производи? 

-Владата згреши што го укина замрзнувањето на цените на прехранбените производи во март. Во февруари, кога важеше замрзнувањето, инфлацијата беше 7.6%, сега, откако се укина, скокна на 10.5%. Згреши и што не ги замрзна цените на горивата, како што направија некои земји од регионот, па и од ЕУ. Доколку ги замрзнеше и горивата, заедно со храната, и не отстапеше од замрзнувањето, инфлацијата веројатно ќе беше пола од ова што го гледаме сега. Има, се разбира, и подолгорочни грешки, како децениското неинвестирање во домашно производство на енергија и континуирано лошите аграрни политики, кои ја зголемија увозната зависност на земјата кога се овие работи во прашање. Но тоа а вина на сите досегашни влади, не само на сегашнава.

Што велат вашите анализи? До кога ќе продолжи ваквиот тренд? Колку Македонија е далеку/блиску од инфлаторните состојби со кои се соочуваат другите земји? 

-Целиот свет се соочува со инфлација последниве месеци, и тоа е последица пред сè на повисоките глобални цени на енергијата и храната, кои минатата година растеа поради олабавувањето на пандемијата, а последниве месеци растат поради војната во Украина. Но сепак, не е инфлацијата секаде иста, и разликите помеѓу различните држави главно се должат на различните мерки кои ги преземаа владите. Во Македонија, за жал, веќе е меѓу највисоките во регионот, токму поради грешките на владата од изминатите два месеца. Проекциите, за жал, не се оптимистични. Сè  ќе зависи од тоа како ќе се одвива војната. Ако има брзо примирје, цените веројатно ќе се стабилизираат во втората половина на годината. Но, ако војната продолжи, што за жал е поверојатно сценарио во моментов, цените ќе продолжат да растат.

Владата донесе 26 мерки со кои треба да се стабилизира животниот стандард? Дали тие го даваат очекуваниот ефект? Има ли нешто што треба и може да се стори за да се стабилизираат состојбите? 

-Јас ги критикував мерките уште кога се објавија, и за жал, сè што кажав тогаш, се покажува како точно. Мерките се неефективни, и наместо да ја забават инфлацијата, доведоа до нејзино забрзување. Владата мора да се врати на политиката на контролирање на цените на храната и нафтените деривати, доколку сака да спречи инфлацијата да ескалира. Да, со тоа ќе ги намалат профитите на неколку големи и моќни компании, и тие ќе се свртат против нив, но дали тие неколку компании кои секоја година прават добивки од милиони евра им се поважни од 500-те илјади сиромашни во државата?

Освен овие краткорочни мерки, владата мора да преземе и мерки за надминување на увозната зависност кај храната и енергијата. Македонија има потенцијал и за едното и за другото, и владата мора да почне да инвестира во производство на обновлива енергија, и да преземе мерки за поголемо домашно производство на дефицитарните прехранбени производи.

Паралелно со мерките за стабилизрање на цените, мора да преземат мерки и за зголемување на примањата на граѓаните. Мора да се зголемат платите и пензиите, без тоа луѓето дополнително ќе осиромашат, а и економската активност ќе забави.

Какви се вашите коментари во врска со ребалансот кој е во завршна фаза и најавите дека ќе се скратат 100 мил.евра непродуктивни трошоци?  

-Првото нешто што ми паѓа на памет кога ја гледам владата како се фали дека ќе скрати 100 милиони евра непродуктивни трошоци од буџетот е – како воопшто дозволивте да имате толкави непродуктивни трошоци? Постојниот буџет зарем не го донесе истава гарнитура, зарем не го изгласаа истиве пратеници на СДСМ и коалицијата? ОК, јасно е дека се фалат, дека сакаат да се прикажат дека прават нешто, ама малку претерале. Но, настрана ПР гафовите на владата, кога е фискалната политика во прашање, во наредниот период ќе биде клучно владата да продолжи со стимулативната фискална политика. Не смее да премине на модус на штедење (austerity), односно, на кратење на сите буџетски трошоци, зашто тоа дополнително ќе ја закопа економијата. Во кризи, владата секогаш треба да троши, за да ја поддржува економијата, тоа е основното правило на фискалната политика. Се разбира, непродуктивните трошоци секогаш треба да се кратат, но тоа се однесува на купување нови автомобили и луксузирање на функционерите, а не на кратење на платите на учителките или помали вложувања во здравство. Прашањето кое неминовно ќе се постави, дали сега, дали по некое време, е – од каде ќе се најдат парите за сите овие работи? Одговорот е многу лесен – од повисоки даноци на богатите и екстрапрофитабилните компании. Нема веќе изговори, мора да се врати прогресивниот данок.

К.В.С.

Слични содржини