Дали и колку има политика во одлуката на Владата да не даде ниту денар на само неколку општини меѓу кои Струмица, Чаир, Град Скопје, откако претходно ја „одврза“ кесата за дури 4 милијарди евра за сите останати локални самоуправи?
За дел од економските експерти работите се повеќе од јасни… и сите единствено укажуваат на партиски прагматизам.
Според професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии ваквиот чекор на владата е очекуван.
„Владата од една страна сака да ги поддржи „своите“ општини, за да ги добијат локалните избори наредната година, а од друга страна, да направи притисок врз жителите од „опозициските“ општини да гласаат за ВМРО на наредните избори, зашто само така ќе добијат пари за крупни проекти. Истото ова го правеа и минатиот пат, во времето на Груевски, кога не даваа поддршка на Центар, Куманово и Струмица“, вели Јовановиќ за „Локално“.
Сепак, алармира дека ваквиот однос само ги револтира гласачите и прави тие да се обединат против ваквиот нефер третман. Оттука според него, наместо да добие поддршка, Владата на овој начин ризикува да ја изгуби довербата кај оние неутралните, бидејќи со ваквиот пристап покажува дека парите не се распределуваат според реалните потреби, туку според партиските интереси.
Забелешки во однос на досега реализираните чекори на Владата на економски план, Јовановиќ има и во контекст на крајно депримирачките проценки на Светска банка дека оваа година и во наредните три ќе имаме најнизок економски раст во целиот Западен Балкан. Според него, ваквите проекции се сосема на место бидејќи како што вели, сите ги намалија проекциите за Македонија, и сите очекуваат раст од под 2% оваа година.
„Првата причина за лошата состојба е објективна – состојбата во Германија. Германија поминува низ криза каква што немала со години, а дури 40% од македонскиот извоз завршува таму. Но втората причина е субјективна, и е поврзана со новата Влада, која во овие први 4 месеци не успеа да покаже никаква визија за развојот на земјата. Сѐ што видовме на економски план е заем од Унгарија од 500 милиони евра, без воопшто и да е јасно за што ќе се користат парите. Не може тоа да ви биде главната економска мерка, не можете да очекувате дека заем од 500 милиони евра ќе ви донесе економски раст“, коментира Јовановиќ.
Тврди дека 250-те милиони евра нема ништо да сменат, а ваквата теза ја образложува со неколку аргументи.
„Другиот дел од унгарскиот заем ќе оди за поддршка на фирмите преку Развојната банка, а ако отидете на сајтот на Равојната банка, веднаш ќе видите дека такви линии веќе постојат. Првата вест на сајтот е за кредитна линија од 50 милиони евра од Француската развојна агенција, со камата до 3.5%, втората за кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка, исто така со камата до 3.5%. Затоа, мотивите за заемов мислам дека се пред сѐ политички, односно, Владата се доближува до Унгарија, и индиректно до Кина (која на Унгарија ѝ даде заем од 1 милијарда евра), со намера да му прати порака на Западот дека ако не го смени односот кон нас во поглед на евроинтеграциите, ние можеме да свртиме страна“, вели Јовановиќ.
Оттука според него, иако намерата можеби е легитимна, станува збор за како што ја нарекува „финта“ која нема да запали, пред сѐ затоа што Западот во моментов има премногу свои проблеми за да мисли на Македонија.
К.В.С.