ВМРО-ДПМНЕ често знае да го изгуби компасот, но не се сомневам дека се за ЕУ. Често го губи компасот во надворешната политика и ако не се лажам, од ЕУ во неколку наврати ни беше кажано дека отстапуваме од тој еден важен услов кој е и во преговорите – усогласување со надворешната политика на Брисел, изјави синоќа новинарот и аналитичар, Борјан Јовановски за ориентациите на Владата на патот кон европското семејство.
Јовановски оценува дека Брисел стравува со нашата геополитичка позиција, со оглед на, како што вели, прогнозите за тоа дека Русија ќе се обиде да отвори фронт на Балканот.
-Овој пат Европа е во војна. Ние како генерација не паметиме војна во Европа. Тоа што сме сега членка на НАТО е голема работа. По сите критериуми во една ваква турбулентна геополитичка ситиација, навистина е голема предност што Македонија е членка на НАТО. Не знам кој очекуваше било кога дека ЕУ ќе го промени тој услов за уставни измени. Проблем сега на оваа Влада и на претседателката е што се жртва на сопствениот популизам. Знаеја пред изборите дека е тешко да се дојде до такво нешто. Ние можеме да добиеме некакви лижавчиња – Резолуција во ЕП дека постои македонскиот јазик и македонски идентитет, рече аналитичарот во емисијата „Топ тема“, додавајќи дека ако се зборува за интересите на граѓаните, „кога на пример ние би преговарале и би биле членка на ЕУ, немаше да се случи Кочани“.
-Кога бевме Југославија имаше ју стандарди. Затоа тој систем некако функционираше, имаше стандарди. Во ЕУ се разговара за безбедноста на потрошувачите, на храната, на објектите…Затоа е потребно е да се влезе во тој круг и механизам чија цел е трансформација на едно општество. Интересите на граѓаните се квалитетот на животот. Кога македонскиот граѓанин има квалитетен живот, тој е горд што е Македонец и ги штити своите институции, истакна Јовановски.