Јовановски: Мирко Попов негуваше македонизам на музичката сцена, кој не е потпрен на фобија и омраза кон другите, туку е полн со љубов

од Симе Стоиков

„Се познававме со Мирко Попов. Го организиравме лани фестивалот „Запознај ја Преспа“. Требаше и оваа година, но за жал, не можеме. Нешто што на Мирко треба да му се оддаде посебно признание е неговата борба за оживување на една македонска музичка сцена. Нешто за што тој никогаш не успеа да добие поддршка.

Лани во рамките на фестивалот, тој самиот приреди една многу убава вечер на македонска музика, кајшто презентираше песни кои се веќе практично заборавени, од Драган Ѓаконовски Шпато, таа музичка сцена – Скопје фестивалот во тоа време произведе неверојатно добри композиции, потоа од времето на осумдесеттите. Мирко се обидуваше да негува еден македонизам на музичката сцена, македонизам кој не е потпрен на фобија и омраза кон другите, туку македонизам кој е полн со љубов“, новинарот Борјан Јовановски на поткастот Политиканти на Слободен печат.

Тој додаде дека му е особено жал што Мирко Попов не успеал да добие поддршка.

„Мирко така и се потроши, изгоре самиот во себе. За да преживее продуцираше музика, пишуваше колумни на новиот портал Трн. Поентата ми е, во едно лудило на натпревар кој е позагрижен за Македонија, позагрижен за идентитетот. Луѓето кои стварно се бореа за еден идентитет, тоа е судбината која ја имаат на Мирко. Ѕвездан Георгиевски има феноменална колумна во која пишува дека ние ќе го имаме споменикот Ќосето кој е масовен убица, а Мирко ќе заврши на маргините“ заклучи Јовановски.

Слични содржини