Јовановски пред Апелација: Носам цела терапија за да функционирам, не можам да бидам во затвор со ваква здравствена состојба

од Nikola Popovski

Бојан Јовановски попознат како „Боки 13“ денеска по излегувањето од затвор за прв пат се појави пред камерите. Тој се појави на рочиштето во Апелацискиот суд, а пред зградата даде изјава за медиумите каде рече дека му е многу лошо, иако тоа не му се гледа на лицето.

Тој денеска пред судот изјави дека му била констатирана „интенстинална метаплазија“ на желудник и дел од тенките црева.

-Со оваа здравствена состојба не бев и не сум во состојба да бидам во затворот каде ја издржував казната на која бев правосилно осуден и поради тоа сум пуштен на домашно лекување односно на прекин на издржување казната затвор. Со себе носам цела терапија за да функционирам, покрај тоа што имам сериозен хигиено-диететски режим кој изискува посебна храна за да функционирам. Имам проблеми од органски карактер, рече Јовановски пред медиумите.

Додаде дека изгубил 90 отсто од стомакот и дека учи да живее со тоа, како и дека секогаш мора да носи терапија, а секоја компликација може да му го загрози животот.

-Јас сум со траен инвалидитет, кој не е од физичка природа или со физички деформитет, туку станува збор за состојба која не може да се промени. Имам сериозна терапија која ја примам, сериозен и строг режим кој морам да го практикувам секој ден. Тоа не значи дека имам проблем со движење, но имам моменти кога морам да мирувам, да се придржувам кон тоа, кажа Јовановски.

Јовановски во моментот се брани од слобода, откако Основниот кривичен суд Скопје неодамна донесе одлука за прекин на издржувањето на казна затвор поради неговата лоша здравствена состојба.

Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година. Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд – Скопје определи вкупно 14 години затвор за обвинетите и тоа единствена казна затвор во траење од девет години на првообвинетиот Бојан Јовановски за „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Слични содржини