Јовески: Без конкретен доказ или имиња, информациите се на ниво на шпекулација

од Aleksandar Todeski
325 прегледи

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески во изјава за Алсат-М ТВ вели дека ги следи сите написи поврзани со случајот „Рекет“, но смета дека без конкретен доказ или имиња, информациите остануваат на ниво на шпекулација.

Порталите биски до опозицијата вчера објавија дека Боки 13 наводно во исказ пред обвинителката  Русковска кажал дека парите од рекетот ги предал на луѓе блиски до Заев, но демантот за такво сведочење стигна лично од обвинителката која рече дека Боки 13 во исказот што го дал пред Нова Година не спомнал ниту едно име. Јовески во изјавата ги повикува сите што имаат каков било доказ да го достават.

„Обвинителството уште еднаш нагласува дека не располагаме со други податоци, за други имиња инволвирани во „Рекет“. Доколку некој друг располага нека ги достави до обвинителството за да постапува. Ги имаме предвид сите написи, но доколку некој посочи конкретен доказ, документ, ни сето тоа ќе го прибавиме и ќе постапуваме. Предметот се води неселективно“, рече Јовески.

Обвинителот ги отфрла како шпекулации и тврдењата дека Боки 13 барал да го спроведат кај него за да сподели доверливи информации. Тој додава дека Боки 13 досега му се обратил со писмен допис само еднаш, во кој се жалел на лошата здравствена состојба.

„Таква средба не барал. Бојан Јовановски сега е во судница и доколку сака, има факти или околности сите може да ги изнесе јавно и на судско рочиште“, изјавил за Алсат обвинителот Јовески.

Слични содржини