Јовева: Србија виде само насилство под Вучиќ, украдените избори и згазените медиуми ја доведоа до работ

Европратеничката со македонски корени реагираше откако бриселски „Политико“ објави дека Европската комисија размислува да ѝ скрати на Србија до 1,5 милијарди евра поради назадување во демократијата

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук/Ирена Јовева

Европратеничката со македонски корени, Ирена Јовева реагираше откако бриселскиот портал „Политико“ објави дека Европската комисија размислува да ѝ скрати на Србија до 1,5 милијарди евра поради назадување во демократијата, оценувајќи дека земјата под лидерство на Александар Вучиќ е доведена на работ на пропаст поради „насилство, корупција и заробување на државата“.

Во текстот објавен денес од Политико, се истакнува дека Србија, иако не е членка на ЕУ, е во преговори од 2014 година и дека тоа ѝ овозможува пристап до средства и грантови наменети за спроведување на правни реформи. Одлуката за суспендирање на средствата дополнително би го комплицирала процесот на проширување на ЕУ, во време кога земји како Украина и Црна Гора го забрзуваат својот пат кон членство, додека влијателни земји како Франција повикуваат на претпазливост.

„Под Вучиќ, Србија виде само насилство, корупција и заробување на државата. Украдените избори и згазените медиуми ја доведоа Србија на работ на пропаст. Србите заслужуваат нов, демократски пат кон просперитет. Време е за промена“, објави Јовева на социјалната мрежа „X“.

Јовева во изминатите година и пол постојано зборува за проблемите во Србија. Таа отворено ги поддржа студентските протести, ги поздрави студентите за време на нивната посета во Стразбур и постојано ја критикуваше администрацијата во Брисел за, како што рече, недоволна реакција на настаните во Србија и однесувањето на властите.

Според „Политико“, ЕУ го разгледува овој потег поради континуираниот пад на Србија во областа на демократијата, но и поради нејзиниот однос со Русија, што дополнително го комплицира европскиот пат на земјата.

„Сè повеќе сме загрижени за она што се случува во Србија“, изјавила за „Политико“ европската комесарка за проширување, Марта Кос.

„Од закони што ја поткопуваат независноста на судството, преку репресијата врз демонстрантите, до постојаното мешање во работата на независните медиуми“, додала таа.

Во последните недели, притисокот во Комисијата за задржување на средствата е зголемен, изјавиле четворица претставници на ЕУ кои работат на проширувањето, анонимно разговарајќи за „Политико“.