Научниците кои се обидуваат да го утврдат потеклото на вирусот кој предизвикува ковид-19 и бараат начини да се спречи следната пандемија, велат дека има сè повеќе докази што укажуваат на тоа дека истрагата треба да се прошири надвор од Кина, на Југоисточна Азија.
Вирусолозите од неодамнешната мисија во Вухан, испратена од Светската здравствена организација (СЗО) за да го испитаат потеклото на ковид 19, сметаат дека во следната фаза на истражување, Југоисточна Азија треба да се додаде во областа на интерес и нивните совети се да се следат лилјаците познати како резервоари на формите од семејството на коронавирусот.
Научниците веќе идентификуваа повеќе од 100 форми на коронавирус поврзани со САРС ширум Кина, вели Питер Дазак, еден од вирусолозите вклучени во мисијата во Кина.
„Меѓутоа, ние не направивме доволно истражувања во Мјанмар, Лаос и Виетнам за навистина да кажеме дека во тие земји ги нема дури и повеќе“, рече Дазак.
Според него, кога ќе обележите на картата каде живеат лилјаците кои ги пренесуваат овие вируси, тогаш почнувате да забележувате дека во оние земји на јужната кинеска граница има уште повеќе видови лилјаци, а веројатно и повеќе видови вируси.
„Значи, постои можност вирусот да потекнува од провинцијата Јунан, но мојата најдобра проценка е дека треба да ги испитаме Мјанмар, Лаос, Виетнам и уште појужно – целиот регион на Југоисточна Азија како потенцијално жариште“, рече тој.
На почетокот на минатата година, научници од Кина и Австралија објавија дека откриле вируси повеќе од 90 отсто идентични со САРС-КоВ-2 во малајските панголини, кои би можеле да бидат потенцијален преносител, бидејќи луѓето ги ловат поради нивното месо.
Следејќи ги трагите на вирусот САРС-КоВ-2, научниците се надеваат дека ќе откријат други вируси кај животните и патеката по која најверојатно би можеле да предизвикаат следна пандемија, што ќе помогне да ја спречат.
„Кога ќе слушнете гласини за терористички напад, не чекате да се случи нападот, туку преземете активности за спречување на мрежата и негово уништување. Тоа е она што треба да го направиме со пандемиите“, рече Дазак.