Не е тајна дека менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, сака на „Олд Трафорд“ да го види својот поранешен играч, Бразилецот Ентони од Ајакс. Јунајтед им понуди над 60.000.000 евра на тимот од Амстердам за 22-годишното десно крило, но залудно шампионот на Холандија бара дури 95.000.000 за еден од нивните најдобри играчи.
Затоа Јунајтед мора да бара други решенија, а едно од нив е напаѓачот на Баерн, Лерој Сане.
Според англиските медиуми, по неуспехот со Ентони, „црвените ѓаволи“ се фокусирале на неколку нови потенцијални засилувања на крилната позиција, а најпознато име е 26-годишниот германски репрезентативец Сане.
Сане веќе играше во Манчестер, но за големиот ривал Манчестер Сити, од 2016 до 2020 година го носеше дресот на „граѓаните“ и беше дел од тимот кој освои две титули во Премиер лигата.
Доаѓањето на Садио Мане во Баерн сигурно ќе го „чини“ Сане, Сенегалецот дојде во Минхен да биде главна офанзивна опција за тренерот Јулијан Нагелсман, а ова може да биде причина за заминување на Сане од „Алијанц арената“.
Германецот речиси сигурно би бил стартер во Манчестер, бидејќи „црвените ѓаволи“ немаат многу опции по страните. Санчо се уште не го најде патот на „Олд Трафорд“, младиот Еланга се уште не е врвен фудбалер, а Гринвуд има поголеми грижи од играњето фудбал.
Покрај Сане, на листата на желби на Јунајтед се и Данџума од Виљареал, Михаел Олисе од Палас, крилото на ПСВ Гакпо и Португалецот Нето од Волвс.