Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, денеска ја заврши турнејата по западнобалканските држави со прес-конференција во Софија. Посетата не донесе големи новини, но беа демонстрирани блиски односи, пишува Дојче веле.

Јункер пред новинарите изјави дека ЕУ останува „силно посветена“ на проширување кон регионот на Западниот Балкан.
„Западниот Балкан има свое место во ЕУ“, рече Јункер, кој во Бугарија, земјата која е актуелен претседавач со ЕУ, ѝ стави крај на својата турнеја низ регионот.
Јункер предупреди дека во моментов ниту една од шесте западнобалкански држави – Албанија, Македонија, БиХ, Србија, Косово и Црна Гора не ги исполнуваат условите за членство. Сите земји ќе мораат да се посветат на политички реформи, борба против корупцијата и организираниот криминал и да ги решат конфликтите со соседите.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов ги повика земјите да „ја искористат шансата и да се фокусираат на изградба на коридори меѓу земјите: транспортни, енергетски и дигитални“.
Борисов најави дека финансирањето на конкретни инфраструктурни проекти ќе биде на агендата на самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи во мај во Софија. Дотогаш сите земји од регионот треба да подготват готови приоритетни инфраструктурни проекти. Приоритетни, според Борисов, се коридорите 4,8 и 10.
Во интервју за Дојче Веле за време на турнејата, Јункер ја отфрли можноста да им се даваат фиксни датуми за прием во ЕУ на земјите од Западниот Балкан.
„На ниту една станица овде никому не му ветив датум за приклучување, дури и на оние кои сѐ уште не започнале преговори не им ветив датум за почеток на преговорите, а тоа нема да го правам ниту во наредните денови. Она што е важно е супстанцијата, а не календарот“, рече Јункер.