Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР.
Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија, стои во рекацијата од кабинетот на премиерот Заев на изнесените ставови од Никола Димитров во врска со неговото повлекување од вицепремиерската функција.
-Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите кои се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а пак таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија.
Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата, стои во реакцијат од кабинетот на Заев.
Со критика до Владата пред се за процесот за решавање на спорот со Бугарија и со порака дека му е должност кон граѓаните да запали аларм за посебна будност во однос на прашањето, од функцијата си заминува вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров. Тој на прес конференцијата рече дека неговите ставови во преговорите со Бугарија во многу наврати биле спротивни од неговите колеги во Владата.
-Демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции. Значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, рече Димитров.