Кабранов: Героски, многу ниско и неколегијално од тебе

од Aleksandar Todeski
441 прегледи

Героски, многу, многу ниско и неколегијално, вака Ацо Кабранов, поранешен главен и одговорен уредник во веќе згаснатата 1ТВ реагира на денешната колумна на новинарот Бранко Героски, цитирајќи дел од колумната.

„Инаку, да знаете една работа што можеби не сте ја знаеле. Со должна почит кон „медиумскиот гениј“ Бојан Јовановски, главната конфигурација на 1ТВ ја состави и јадрото на „Ѕвездениот тим“ го избра токму тој советник на Заев, веројатно во консултација со луѓе од опкружувањето на премиерот. Истиот човек ја подготви и „евакуацијата“ на истиот тим по пропаста на 1ТВ и го дизајнираше и новиот телевизиски проект, во медиум во кој советникот на Заев има и сериозно влијание, но и многу близок пријател во сопственичката структура“ – дел од колумната на Героски.

Кабранов во реакцијата на Фејсбук тврди дека во тоа што го пишал Героски нема никаква вистина, односно дека немало вмешано странец – советник на Зоран Заев, кој наводно го бирал тимот од искусни новинари за телевизијата на Боки 13.

„Во вечерашнава колумна на почитуваниот колега Героски околу негови како што напишал најнови сознанија за аферата „Рекет“, која за воља на вистината јас иако не сум правник ја викам „Поткуп“, ме испровоцираа пишувањата дека „Ѕвездениот тим“ во кој бев и јас и уште неколкумина мои искусни колеги ,го избрал односно не избрал де, некој советник на Заев чинам пишува странец бил. Епа колега Героски, ова нема ама баш никаква врска со вистината. Создавањето на тимот одеше вака – Меѓу првите бев поканет јас на предлог на еден колега за да бидам дел од интернет телевизија. Отидов на разговор, таму беше еден друг колега познат и одличен новинар и колумнист кој се заблагодари бидејќи е од пишан медиум и не е според него за ТВ. Јас прифатив и ги предложив и Гордана Дувњак и колегата Кристијан Стојчевски. Таму веќе беа Санта Аргирова, роднина на Боки и Анета Кочишки. Се преселивме во просториите на Томато. Идејата за интернет ТВ беше сеуште актуелна се додека подготвувајќи ги документите не дојдовме на идеја да пробаме од АВМУ да побараме сателитска концесија. Така и беше, во меѓувреме сите ние предлагавме по некој од колегите да им понудиме да дојдат, некој прифатија, некој не се пронајдоа во проектот. Борјан Јовановски го предложив јас, некој од колегите го предложи Ордановски, дојде и Чомовски и така се создаваше тимот. Напишан на долго и широко оти ме испровоцира тезата на Геро дека не бирал некој советник странец демек како крушки, за да веројатно според Геро или неговите доушници, вршиме работа на власта. Затоа друже Геро не завлегувајќи во се друго што пишуваш и истражуваш за овој случај ова со како што не нарекуваш „Ѕвездениот тим“ искрено е многу многу ниско и неколегијално од тебе“, реагира Кабранов на Фејсбук.

Слични содржини