Претседателката на Уставниот суд во заминување, Добрила Кацарска информира дека се уште не се пронајдени лицата кои ѝ се заканувале во изминатиот период. На прашањето дали и понатаму очекува закани, по завршувањето на нејзиниот мандат, судијката вели:
-Oва се закани кои што ги пријавив, но јас трпам закани неколку години наназад. Нема недела да помине, а да не добијам закана. Бев и физички нападната, но никогаш не пријавував бидејќи сметав дека се работи за физички случаи. Не сакав да ја оптоварувам јавноста, ниту органите на прогон, но со оглед дека зачестија, затоа се решив да пријавам. Не знам дали би продолжиле заканите, рече Кацарска одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Пред речиси две недели, судијката пријави во полиција дека пред нејзината подземна гаража во центарот на Скопје пронашла импровизиран кревет и нож. Од полицијата потврдија дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Кацарска беше избрана за уставна судијка во 2020 година, а од 2021 е претседателка на Уставниот суд. Пред изборот зад себе имаше 38 години стаж во судството, од кои 34 како судијка.
Пред да стапи на функцијата во Уставниот суд, како судијка во Основниот суд Скопје 1, Кацарска го судеше најобемниот предмет, за настаните од 27 април и случајот „Тенк“ за начинот на набавка на блиндираниот „мерцедес“, во кој на затворски казни се осудени Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски.