Кацарска заминува во пензија? Костадиновски: Основите за престанок на мандат на уставен судија ги уредува Уставот

од Nikola Popovski
382 прегледи

Судскиот Совет побарал Собранието да ја разреши Добрила Кацарска од позицијата член на Уставниот суд, заради исполнување на условите за старосна пензија.

Во Собранието веќе стигнал допис дека на судијката ѝ престанал судискиот статус поради пензионирање. Судскиот совет испратил известување до Собранието дека судијката Кацарска може да го изгуби статусот на уставна судијка, бидејќи веќе е пензионирана.

Според пишувањето на дел од медиумите, дали Добрила Кацарска ќе биде разрешена треба одлучи Собранието, на кого му е посочена судска пракса од одлуки на Управниот суд, каде што судии, членови на Судскиот совет тужеле затоа што предвреме им бил прекинат мандатот од 6 години, само затоа што наполниле 64 години, се пензионирале и на тој начин го изгубиле статусот на активен судија.  Управниот суд зазел став дека не може судија кој е веќе пензиониран да биде член на Судскиот совет, бидејќи тој потекнува односно се избира од редот на активните судии. Па, оттаму, штом нема мандат како судија, не може да врши ни функција на која бил избран како судија.

На прашањето поврзано со мандатот на уставната судијка Добрила Кацарска и информациите дека е поднесено известување од страна на Судскиот совет до Собранието, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски одговори:

„Денеска од медиумите дознав дека постои таква иницијатива, ние како суд немаме известување за релевантноста и постоењето на таква иницијатива. Основите за престанок на мандат на уставен судија ги уредува Уставот во членот 111 став 4. Јас не знам, ја немам видено релевантно содржината на таа иницијатива, не знам дали и како Собранието би постапило и од таа причина би се воздржал од коментар за ова. Она што е важно, доколку е релевантно тоа што го видов во некои од медиумите, не може да се прави поистоветување на членство во Судски совет и членство во Уставен суд, но сепак во отсуство на официјални информации морам да се воздржам од коментар бидејќи знаете дека секој искажан збор обврзува и во овој момент нема да давам повеќе коментари“, рече Костадиновски во централниот Дневник на МРТ.

Добрила Кацарска беше избрана за уставна судијка во ноември 2020 година, а во мај 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд. По завршувањето на тригодишниот мандат на нејзино место беше избран токму судијата Костадиновски.

Слични содржини