САД и ЕП повикаа на итно формирање влада, Иванов си молчи
Од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов веќе трет ден нема информации, ниту активности во врска со доделувањето мандат за нова влада на обезбедените потписи од Зоран Заев
Во понеделникот претседателот на СДСМ, Зоран Заев, достави 67 потписи за формирање влада. Во понеделникот Иванов само го прими Заев со списокот со потписи, но оттогаш кабинетот молчи.
Медиумите блиски до владејачката партија веќе објавуваат написи во коишто пишуваат дека Иванов немал рок за мандатот, но и дека тој можел да се повика на неговиот втор услов – освен потписи да барал гаранции од СДСМ дека новата влада нема да има реперкусии врз безбедноста, унитарноста и Уставот на државата.
Повеќе политички партии, главно опозцииони го прозиваат Иванов , во функција на смирување на тензичната атмосфера, и префрлање на дебатата во парламентот, да го додели мандатот за формирање влада, за да не биде соучесник во долевањето масло на запалената атмосфера чиј интензитет постојано расте.
ИВАНОВ ДА ГО ДАДЕ МАНДАТОТ ЗА НОВА ВЛАДА, И ВЕДНАШ ДА СЕ ИЗБЕРЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРЛАМЕНТОТ
Американскиот Стеј Департмент вчера го повика македонските лидери да формираат нова влада без одлагање:
Потребно е формирање на влада без идно доцнење и одолговлекување, а во рамки на македонскиот устав.
“Задно со нашите НАТО сојузници и партнери од ЕУ, САД внимателно го следи процесот за формирање влада во РМ по парламентарните избори од 11 декември 2016.
САД ги повикуваат лидерите во Македонија да формираат нова влада без натамошно одолговлекување, на начин кој е во склад со Уставот и аспирациите на Македонија за членство во ЕУ и НATO.
Формирањето нова влада посветена на владеењето на правото и на имплементирањето на потребните реформи ќе помогне да се стави крај на политичката криза која сериозно го попречи демократскиот и економскиот развој на земјата и евро-атлантските интеграции”, е ставот на Стејт департментот
Во Европскиот парламент е прифатен амандман со кој европратениците очекуваат „формирање на нова, стабилна и одговорна влада и транспарентна транзиција, во согласност со уставните и со законските барања и постапки“.
Европарламентот е „загрижен за сигналите што доаѓаат од граѓанските организации, а кои се однесуваат на влошување на климата во која тие работат и останува загрижен за радикалните јавни напади на граѓанските организации и странски претставници од страна на политичарите и медиумите“, се вели во предлог-резолуцијата.
ЕП ја признава и ја охрабрува важната улога на граѓанските организации за мониторинг, поддршка и унапредување на демократските процеси, вклучувајќи го и изборниот процес, како и обезбедувањето на проверка и рамнотежа, се вели во текстот на предлог-резолуцијата.
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини со денешните резговори во Подгорица ја почнува турнејата по земјите од Западен Балкан. Таа утре е во Скопје.