Каде СДСМ да ги бара причините за изборниот резултат: „Феномен Максим, уставни измени, но и ДУИ кој објективно беше камен околу вратот“

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Синоќешните првични резултати од првиот круг на претседателските избори навестуваат дека ќе дојде до промена на власта и рокада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Кандидатот на СДСМ и актуелен шеф на државата, Стево Пендаровски освои 180.306 гласови, што претставува најслаб резултат во историјата за партијата на Димитар Ковачевски, ако се знае дека го поддржаа Пендаровски на патот кон втор мандат. Пред пет години кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова беше поразена во вториот круг од претседателските избори токму од Пендаровски. И двајцата во првиот круг имаа 42 отсто (околу 300.000 гласови), кои во вториот круг ги зголеми на 44, а Пендаровски на 52 отсто (435.000 гласови). Сепак нештата се сменија на овогодинешните избори. Постојат повеќе причини за ваквиот пад, но останува дилемата дали Пендароски го плати цехот на СДСМ и дали после ова СДСМ ја чека судбината на ПАСОК, која своевремено беше водечка партија во грчката левица, но веќе е многу далеку од политичкиот врв?

Дел од аналитичарите оценуваат дека најголемиот историски пораз на СДСМ на едни избори значи своевидна масовна казна за политиките на оваа партија во изминатите 7 години на власт. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, сето тоа се струполи врз грбот на Пендаровски.

Благојче Атанасоски

-Веројатно после изборите на 8 мај, ќе следува внатрепартиски турнус на избор на нов лидер и лидершип на оваа партија, и наново градење на истата, за да може да ги врати симпатиите прво на своето тврдо гласачко тело, кое дел отиде на контото на Максим Димитриевски, па потоа и во некоја догледна иднина и на граѓаните, вели Атанасоски за „Локално“.

Сепак, тој не верува дека би следело „пасокизација“ доколку СДСМ брзо се консолидира до локалните избори.

-Сепак, знајачно многу квантум на гласови откина Димитриевски и стана трета политичка сила во земјава. Тоа што Левица го најавуваше со години, ЗНАМ на Димитриевски го зададе како своевиден удар врз СДСМ како партија, порачува аналитичарот.

На прашањето дали има некаква шанса за подобар исход на парламентарните избори, соговорникот не е оптимист, велејќи дека психолошката предност е на страна на опозицијата. Според него, катастрофалниот резултат на СДСМ на парламентарните избори може да биде уште пострашен „од овој што сега им изгледа како изборно цунами или библиски потоп по нивната партија“.

-Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски веројатно ни сам не верува во тоа што го говори, и се спрема да ја напушти лидерската позиција после изборите на 8 мај, како целосно делегитимиран партиски лидер на овие избори, заклучува Атанасоски.

За новинарот и аналитичар на состојбите, Зоран Иванов, секој изборен дебакл е последица на дебакл во времето на владеењето. Во разговор за „Локално“ објаснува дека гласачкото тело на СДСМ на овие избори се подели на три дела.

Зоран Иванов

ајлојалните, преку претседателскиот кандидат му дадоа речиси 200 илјади гласови, но да не заборавиме дека кандидатот постојано имаше повисок рејтинг од партијата. па сепак гласовите за него вчера беа главно од корпусот на сдсмовските гласачи. Згора, некои, би ги нарекол „случки“ на власта, го срозаа изборниот рејтинг на СДСМ. Посебно партијата како да ги игнорираше реакциите за функционерските плати, за Кривичниот законик, за европското знаменце, за проблемот со патните исправи, оценува Иванов.

Згора, гледано низ призмата на граѓаните, додава тој, „ДУИ објективно беше камен околу вратот на СДСМ посебно на мистиката со темата Бехтел и Енка, па Соравија и внуците на лидерот на ДУИ, дури и со бизарноста за па петардите во џипот и слични случки“.

-Особено, рејтингот на судството, перцепцијата за корупцијата, последниот извештај на Стејт департментот за состојбите во земјава со човековите права и слично. Кумулативно, целата општа состојбата вчра се сруши и врз претседателскиот кандидат што СДСМ го поддржува, објаснува Иванов.

Како што истакнува, свој удел имаше и темата за уставните измени, товар што, според Иванов, ова раководство на СДСМ го носи за време на целиот свој мандат, а дополнително медиумите, посебно највлијателните, националните телевизии, за цело тоа време, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, кампањски ја враќаа „гордоста на нацијата“ и сето главно врз грбот на СДСМ.

-Дека СДСМ секогаш самиот се поразува себе е доказ и феноменот Максим кој, да не речам националистичка, но ајде национал романтичарска или како доминантно и кај ВМРО-ДПМНЕ, квази патриотска структура, вчера беше факторот кој дополнително го порази СДСМ, посочува новинарот за изборниот резултат.

Пендаровски синоќа по објавувањето на исходот, рече дека резултатите не се онакви какви што очекувал, наведувајќи дека сметал дека разликата ќе биде помала.

„Утре е нов ден, од утре повторно почнуваме со средбите со граѓани кои до сега ги практикувавме и практично почнуваме од нула“, рече Пендаровски на прес-конференцијата.

Тој изјави дека ќе продолжи да го промовира концептот за „интегрирана држава без поделби“ и додаде дека очекува уште поголем одзив во вториот круг и оти „уште поголем број што ќе го препознаат концептот – демократска, просперитетна држава, еднакви за сите народи“.

И лидерот на СДСМ и неодамнешен премиер Димитар Ковачевски изјави дека неговата партија не очекувала таков резултат.

„Јасно е дека луѓето не казнија и ние тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени курсот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина“, кажа Ковачевски.

Додаде дека имаат уште две недели да испратат порака до секој граѓанин дека европската интеграција е единствениот начин за суштински и реални промени во Македонија.

Н.П.

Слични содржини