Каде се движи рударството во Македонија: Во последните 40 години е отворен само еден нов рудник

од Vladimir Zorba
1,2K прегледи

Денот на рударите исфрли на површина многу дилеми во однос на оваа гранка,  и уште повеќе ја акцентираа потребата од итно обновување на нејзината стратегија. Познавачите на состојбите се се погласни во барањето дека е крајно време конечно да ја утврдиме насоката во која што треба да се движи рударството.

За поранешниот извршен директор на БУЧИМ и долгогодишен претседател на МАР- Николајчо Николов, актуелната негативна кампања е погубна, имајќи го предвид фактот дека рударството е сеуште значителна стопанска гранка во државата.

Коментирајќи ги главните дискусии за тоа дали некаде треба да се отвори нов рудник, го оценува како исклучително негативен и паушален изразот „рудници на смртта“.

„Има голема стагнација и смален интерес кај инвеститорите и за одбележување е фактот дека за последните 40 години во нашата земја е отворен само еден нов рудник-БОРОВ ДОЛ кој всушност преставува површински коп и пролжување на векот на работа на БУЧИМ за минимум 10 години каде се преработува бакарната руда“, вели Николов за „Локално“.

Затоа, според него,  од круцијална важност е со обновување на стартегијата за оваа гранка да се утврдат стратегиите за земјоделството за на тој начин да се расчистат дилемите што е поважно и колку суштински штетно влијае на квалитетното земјоделство.

Николајчо Николов

Николајчо Николов

Сугерира дека подеднакво итно треба да се актуелизира и прашањето за отварање на ново Министерство за енергетика, рударство и металургија бидејќи , како што вели , постоечкото Министерство за економија е премногу гломазно. Секако, како суштински момент Николов го посочува влијанието врз животната средина на рударството, но и на сите индустриски гранки.

На потребата од дистанцирање од актуелната негативна кампања во однос на рударството укажува и претседателот на СИЕР – Игор Герасов. Потсетувајќи дека рудниците Саса и Бучим, работат 60-70 год,посочува дека истите имаат нови филтри кои ги спречуваат штетните појави од производството, поради што се нема впечаток дека околината е загадена.

„Оваа гранка носи голем удел во БДП. Во енергетската криза и пандемијата рудниците не застанаа со работа, па токму овие комбинати ја задржаа нашата економија  на нозе. Има и голем број вработени во оваа гранка заедно со поврзани компании.Затоа е потребно да се направи анкета со студени глави за новите рудници. Никој не сака зголемено загадување и затоа велам дека во сето ова можеби има малку политика“, вели Герасов за „Локално“.

Инаку, рударството во РСМ учествува со околу 10% во индустрискато проиузводство, а просечните плати  на вработените се значително повисоки од  оние во другите индустриски гранки, Така на пример, платата  во  САСА изнесува повеќе од  1000 евра, а во БУЧИМ  над 600 евра(нето). Вкупно вработени во оваа гранка има околу  12000 , додека  во обоените метали има нешто повеќе од  2.500 вработени.

Игор Герасов

Игор Герасов

Синдикатот, како што вели Герасов не регистрирал проблеми во рудниците  кадешто се  синдикално застапени, како на пример во Саса, Боров дол, и во  Мермерениот комбинат Прилеп. Според него, таму каде имаат  потпишано колективни договори во голема мера се почитува Законот за безбедност и заштита при работа  и на секои 100 вработени има по еден синдикален претставник кој ја надгледува безбедноста и на работниците и работниот процес. Тоа практично значи дека членот на СИЕР има полно право да го прекине работниот процес доколку рабоникот не се чувствува безбедно на рабтното место

Синдикално здружување не постои во   Болмак Пробиштип и во Тораница поради што немат  податоци  какви се  работните услови за вработените.

„Тие беа  членки во СИЕР од основање на рудниците но веќе 6-7 години, под притисок на бугарскиот сопственик, се спречени да се организираат, едноставно им се врши притисок , мобинг на нашите работници. Договорите за вработување се продолжуваат од месец на месец и многу луѓе го немаат решено својот статус. Се плашат дека работодавачот  нема да им го продолжи договорот ако се побунат, па бидејки не се синдикално организирани не знаеме дали се почитуваат работничките права  и каква е заштитата при работа“, вели Герасов.

Инаку, нашата држава во моментов нема дефицит на работна сила во рударството. Една од ретките гранки е каде младите бараат вработување, и тоа пред се поради нагорната линија по којашто се движат платите. Обезбеден е и инженерски кадар за следните 5-10 години, но понатаму, според Герасов, може да се појави проблем бидејќи годинава на оваа студиска програма во Штип се зашишал само еден студент.

К.В.С.

Слични содржини