Кадрите на Села ќе ги заменат кадрите на Таравари: Дали разрешувањето на Меџити и Алиу ќе влијае на владеачкото мнозинство?

од Nikola Popovski
832 прегледи

Расколот во Алијанса за Албанците се продлабочува, откако Арбен Таравари предложи неговата партија да оди на избори со здружената албанска опозиција. Тоа доведе и до турбуленции во Владата, откако Управниот совет на АА одлучи да предложи нови министри на местото на досегашните за здравство и информатичко општество, Фатмир Меџити и Азир Алиу. Двајцата застанаа на страната на Таравари, контра ставот на поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села. Владата предводена од техничкиот премиер го послуша ставот на Алијанса и на следната собраниска седница побара разрешување на двајцата. -Оставка не поднесувам, Собранието и пратениците одлучуваат кој ќе биде министер, рече денеска Меџити кој тврди дека работел чесно.

Во меѓувреме, Таравари и неговите поддржувачи, вечер во Куманово на заседание на централното претседателство. Од таборот на Села пак, велат дека тоа е само собир и состанок. Партиското собрание е закажано за в сабота во Скопје. Крилото на Села инсистира на самостоен настап на парламентарните избори.

Кај кого се печатите за Собранието и што ќе донесе разрешувањето на Меџити и Алиу?

Без двоумење дека печатите ги има Таравари, легитимниот претседател на партијата, тврди политичкиот аналитичар, Џенур Исени, додавајќи дека тука има друга борба од спротивниот табор, а тоа е борбата за власт.

-Подржувачите на Села се 90 проценти функционери на партијата, а подржувачите на Таравари потекнуваат од терен, односно обичните гласачи кои што сакаат ДУИ да биде во опозиција. Но некои функционери подржувачи на Села не можат да се замислат да бидат во опозиција откако ги уживаа овие месеци привилегииите што им ги даде власта, вели Исени за „Локално“.

Џенур Исени

Околу тоа дали најавеното разрешување на двајцата министри ќе донесе промени во владеачкото мнозинство, аналитичарот не верува, но вели дека сега е тоа помалку битно.

-Сигурно ќе постават други двајца наместо нив. Но сега албанскиот гласач кој што живее крпен живот, има многу појасна слика за тоа како треба да гласа на 8 мај, оценува Исени.

За тоа како очекува СДСМ да гласа за разрешувањето и поставувањето на нови министри, аналитичарот вели дека владеачката партија и така е во многу тешка ситуација моментално затоа што според многу анкети тие ќе имаат катастрофален резултат на изборите.

-На СДСМ му е јасно дека не треба да има разделба на овие коалициони партнери што ги имаа во владата и затоа верувам дека ќе гласа за новите министри кои што ги предложи Села, за колку толку да има надеж да излезат со заеднички листи на изборите, бидејќи само така ќе ја минимизира победата на ВМРО-ДПМНЕ, смета Исени.

Сепак, поради искуствата од минатото, соговорникот истакнува дека ништо не треба да не изненади и ако партијата на Христијан Мицкоски се обиде да состави влада со ДУИ.

-Но да, од реториката што ја слушаме овие денови од опозициските лидери, не треба да не изненади да имаме влада меѓу ВМРО и албанската опозиција. Сепак, ќе зависи многу каков резултат ќе имаат особено од албанската страна, анализира Исени.

Иницијаторот на „Движењето за нова република“, Ивон Величковски смета дека ваквите превирања во партијата се, бидејќи, граѓаните се свесни за значењето на изборите: борба со корупција паралелно со европските интеграции на Северна Македонија или заглавување во економско-институционалниот систем на земјата.

Ивон Величковски

-Партиите се уште посвесни, бидејќи сега ќе покажат пред кого одговараат: граѓаните или олигархиите. Овие ломови во партиите се случуваа пред секои избори за оставање на југо-матрицата зад себе: Споредете ги 1998, 2006/08, 2016 со 2024 и ќе забележите дека ова не е нов, туку само подзаборавен процес. Судирот во АА моментално е топ-тема, но низ овие процеси минуваат сите партии, повеќе или помалку видливо, додава Величковски во разговор за „Локално“.

Во однос на расколот, тој оценува дека е битно да препорача да нема „ситење“ од судир меѓу Албанците во Северна Македонија бидејќи, како што вели, политичката сцена кај Албанците во повеќе наврати многу порано ги има отворано и внатре-етничките и процесите во однос на нацијата.

-Согласно меѓусебната поврзаност, овие состојби ќе се прелеат и меѓу Македонците. Катарзата на трансформирање на партиската сцена од БЈРМ-овска со душа во Белград во РСМ-овска со срце во Скопје секако следи, вели Величковски.

Партиите ќе имаат резултати зависно од кандидатите со кои ќе излезат на изборите, истакнува соговорникот.

-Со “преџвакани” и неконзистентни ликови ќе им гласаат “клиентите”, со некорумпирани и свежи, но искусни политичари ќе ги гласаат граѓаните. Ова важи за сите. До формирањето на листите, впрочем, не треба да исклучиме уште “мешања на картите”. Во моментот, низ водењето на тековниот политички процес во АА, Таравари избира дали ќе се позиционира како “мост” или “брана” при формирањето на следната влада на Северна Македонија која ќе ја спроведува европската агенда на земјата. И не само тој, посочува Величковски.

Не ги потценува поврзаностите во регионот, но, дециден е соговорникот, ми личи дека со „предлогот“ Таравари за претседателски кандидат на ЕСП, Курти луцидно го избегна имиџот на кадровски менаџер во Северна Македонија.

-Курти менаџира политички политички процеси во Косово, Рама во Албанија, па некако стекнуваме впечаток дека на нивно “влијание” во Северна Македонија повеќе се надеваат партиите и медиумите од земјава одошто тие двајцата, заклучува Величковски.

Н.П.

Слични содржини