Директорот на Агенцијата за млади и спорт ќе го повлече целиот тираж на збирката поезија од проектот „Млади поети“ поради дискриминирачка содржина и говор на омраза во две од објавените песни. Тиражот од 5.000 примероци се уште не целосно дистрибуиран.
Каевски, кој е потпишан и како уредник на збирката вели дека чуствува морална и професионална одговорност, но вината ја префрла на тричлената стручна комисија која ги селектирала песните. Печатењето чинело 150.000 денари за што Каевски рече дека ќе побара од одговорните да ја надоместат штетата.
Песните објавени во стихозбирката содржат акцентиран политички јазик, со кој се повикуваат одредени политичари.

Двете недолични песни кои беа отпечатени во Збирката на Агенцијата за млади и спорт биле протнати со туѓ идентитет. Авторот Даниел Пиљаковски кој е потпишан зад бесмислените стихови на „Партиски вработена“ и „Моите соседи“ за ТВ 24 обвинува дека неговото име било злоупотребено од поранешен професор по математика.
Извесен Александар Блажевски од Ресен искористувајќи го пријателството му рекол дека ќе аплицира со неговото име за песни бидејќи самиот постар и не ги исполнувал условите за старосна граница на конкурсот.
„Јас немам никаква поврзаност ни со поезија, ни се разбирам како одеа тие работи, ни дека имало натпреварување. Познаникот само ми рече дека е над дозволената старосна граница и не може да ги пријави песните. Ме праша „дали може да го искористам твоето име“. Јас му реков „добро, во ред“.Јас не знаев дека песните се такви вулгарни, лоши“, ни изјави Пиљаковски.
Песната која изобилува со недоличен и понижувачки речник е насловена како „Партиски вработена“.

Директорот на Агенцијата за млади и спор чувствува морална одговорност
Директорот Дарко Каевски кој е потпишан како уредник на збирката вели дека чувствува морална и професионална одговорност и ќе истражува кој е одговорен.
По бурните реакции во јавноста Каевски оставка не најави. Прстот го впери кон тричлената комисија која требало да биде филтер и да направи селекција.
„Во решението да формирање на стручна комисија, во точка три во вториот дел стои „Комисијата ќе изврши селекција за пристигнатите творби и ќе изготви писмен извештај до директорот на Агенцијата за млади и спорт. Јас како директор на Агенцијата стојам како уредник и чувствувам морална одговорност, но не ја прегледувам содржината. Никаде во проектот не стои дека јас ја прегледувам содржината“, изјави Каевски.
Три членото жири нема одговорност за издавањето на стихозбирката
Јовица Ивановски, Николина Андова Шопова и Тихомир Јанчовски се јавуваат како членови во комисијата. На фејсбук профилот Шопова се огради од дискриминаторските и шовинистички ставови во двете спорни песни. Вели задача на комисијата била да додели награди за трите најдобри песни.
„Уште еднаш, нагласувам дека ние како жири комисија не бевме консултирани околу изборот на песните што ќе бидат отпечатени. Одлуката за неселективно објавување на содржини нема врска со жири комисијата, чиишто обврски беа ограничени на избор на три песни“, изјави Шопова.

Тихомир Јанчевски кој беше дел од тричленото жири на својот фејсбук профил напиша:
1. Од нас се бараше да ги прочитаме песните што пристигнале на конкурсот и да одбереме три најдобри песни. Во комисијата бевме, Јовица Ивановски, Николина Андова Шопова и јас, Ни дадоа папки со песни, ги прочитавме, и некако, по долги консултации, одбравме песни што го освоија првото.второто и третото место. И толку.
2. Бев на доделувањето на наградите. Добитниците ги прочитаа своите песни, а читаа и други учесници на конкурсот што беа дошле.
3. Тогаш, една од вработените во АМС, на крајот, рече дека сите пристигнати песни ќе бидат објавени во книга. Дотогаш, не знаев за тоа. Ако.
4. По ова, никој од АМС не ни се јавил, ниту не’ консултирал за содржината на книгата, и за тоа кои песни треба да влезат или да не влезат во неа. Не сме добиле ни имејл, ни писмо, ниту некој не барал по телефон во врска со тоа. Не сме правеле никаква селекција, ниту некој од нас барал некаков извештај.
5. Селекцијата на песните што се застапени во книгата не е направена од нас. Ние направивме избор на првонагредените три песни и толку.
7. Песните што предизвикаа скандал по објавувањето на книгата не се меѓу трите песни одбрани од нас. Не биле ни во поширок избор.
8. Да ме прашал некој кои песни треба да се објават, и да сум рекол тие и тие, може да ми бараат одговорност. Вака, некако не оди!
9. Книгата е објавена, јас не сум добил примерок и не знам како изгледа.
10. Книгата е објавена, и никој не очекувал скандал. Поезија… млади… Откако изби скандалот, директорот на АМС ја префрла вината врз нас. Тоа е очекувано. Ако вината е до АМС, а тој е таму директор, ќе му речат да си даде оставка. Новинарите ги љубат скандалите и едвај чекаат такво нешто. Покажувал пред камери некакво решение. кое никој од нас никогаш не го видел, и на кое нема потпис на ниеден од нас.
11. Песни имаше 70-80, објавени се 44. Значи, некој сепак направил селекција на тоа кои песни да влезат во книгата. Тоа не сме ние, членовите на комисијата за одредување на 1,2, и 3 место (Јовица Ивановски, Тихомир јанчовски и Николина Шопова).
12. Најдете го тој/таа или тие што ги селектирале песните и прашајте ги зошто баш тие.
13. Тие што ме познаваат, знаат дека ако ме прашале кои песни да влезат во книгата, книгата можеби не би ни излегла.