Пратеникот на СДСМ Дарко Каевски смета дека сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се пријавиле за дискусија на седницата за разрешување на министерот Беким Сали од Алтернатива, а со цел, да го одолговлекува процесот.
Каевски реплицирајќи му на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, му посочи дека завршуваат лагите дека ќе има предвремени избори.
„Нервозни сте. И тоа од две причини. Тоа што оваа седница ја размислувате на друг начин, дека ќе ги искористите вашите лаги дека ќе има ново парламентарно мнозинство. Втората причина е бидејќи знаете дека на вашите лаги и манипулации им доаѓа крајот. Тие лаги ги кажувате за вашето членство и симпатизери. Ако си верувавте на своите лаги, ќе поднесовте точка за доверба на Влада, но не го направивте тоа“, кажа Каевски.
Тој додаде дека во Собранието се прават циркузи.
„Вие се одлучивте овде да се јавите сите за збор, се со цел да одолговлекувате што повеќе и вашата лага да трае подолго. Колку повеќе вакви циркузи правите, толку повеќе ќе расте владиното парламентарно мнозинство, само продолжете така“, посочи Каевски.