Каевски: ДПМНЕ не може грчката амбасадорка да ја убеди, а не Договор со ЕУ да промени

од Nikola Popovski
188 прегледи

Доволни беа само неколку дена, помалку од една недела учество на ДПМНЕ во техничката Влада и на виделина излегоа сите нивни лаги заедно со нивната неспособност. Министерот за внатрешни работи од ДПМНЕ јавно изјави дека не успеал да ја убеди амбасадорката на соседна Грција, изјави денеска портпаролот на СДСМ и пратеник Дарко Каевски.

-Замислете, многу „силната партија“ ДПМНЕ не може една амбасадорка да ја убеди, нешто да смени. Истите оние кои јавно велеа дека можат меѓународен договор да променат, дека може да го променат и францускиот предлог, додаде пратеникот.

Каевски праша и „ако една амбасадорка не можат да убедат од ДПМНЕ, како ќе убедат 27 земји членки на ЕУ да се смени преговарачка рамка?“.

-Не само поради тоа што го имаме најдобриот договор што можеше да го добиеме. Туку затоа што преговарачката рамка е одобрена и прифатена од 27 земји членки на ЕУ. Цела Европа, сите претставници на меѓународна заедница веќе неколкупати ги посочи овие факти. Се потврди она што го говоревме. ДПМНЕ едно зборува пред да влезе во Влада после друго, кажа портпаролот на СДСМ.

Ова следува откако новоименуваниот министер за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски во просториите на Министерството се сретна со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду.

На средбата со грчката амбасадорка, Тошковски, како што соопштија од МВР, го презентирал проблемот со недостигот на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање.

Во гостување на телевизија, на прашањето дали ќе може да се продложи рокот на личните документи и дали го побарал тоа од грчката амбасадорка, Тошковски рече дека амбасадорката му рекла дека од нашите институции во повеќе наврати ѝ било навестено дека нема да го има проблемот што го имаме, поради тоа што веќе се издадени 1.250 000 патни исправи.

Тој рече дека на средбата била побарана можност да се најде и друг начин во наредниот временски период да се спречи да бидат заробени граѓаните што нема да успеат да добијат нови патни исправи, но вели, искрено, не се надева на такво нешто.

Според него, актуелната проблематична ситуација со новите документи може да се подобри, како во делот на фотографирањето на граѓаните во однос на еден од првите чекори за издавање на патните исправи, така и во делот на издавањето.

Слични содржини