Прозорецот на можности за Христијан Мицкоски да се приклучи на европскиот блок полека се затвора, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски, нагласувајќи дека предложениот Манифест од владината коалиција е можеби последната шанса за опозицијата да се престројат на страната на државните и националните интереси.
Ги повикуваме сите политички партии, а особено ДПМНЕ да дадат поддршка на овој важен документ за европската иднина. Со поддршката на Манифестот и на уставните измени ДПМНЕ и Мицкоски на дело ќе покажат дека се за европската иднина на државата. По 17 години во чекалната, ги започнавме преговорите со ЕУ, скриниг процесот се одвива одлично и следно е отворање на првите поглавја за што е потребно усвојување на уставните измени, согласно Преговарачката рамка, порача Каевски на прес-конференција од седиштетот на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега истакнуваат дека не го добиле Манифестот, а ќе се огласат за него откако ќе го примат и ќе го разгледаат партиските тела.
Од ДУИ велат дека во манифестот се наведуваат повеќе аргументи кои се од витално значење за целото општество, а преку кои тие се обврзуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, притоа заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.
Во јавно објавениот Манифест стои дека тој останува отворен за широка општествена поддршка, а меѓу иницијаторите покрај СДСМ и ДУИ се и партиите: Алијанса за Албанците (АА), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјал-демократска партија (НСДП), Демократска Партија на Албанците (ДПА), Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), ВМРО- Народна партија (ВМРО-НП), Партија на пензионерите (ПП) и Српска странка во Македонија.