Каевски: Не дозволуваме никој да профитира врз грбот на граѓаните

од Nikola Popovski

Со Одлука на Владата, од 13 март, понеделник, се замрзнува, односно се намалува цената на тестенините, за 15 отсто во однос на цената која се применувала во трговијата на мало на први март оваа година. Тоа значи намалување на цената на шпагетите и макароните за околу осум до девет денари, рече денеска на прес-конференција портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски, поздравувајќи ја одлуката на Владата за замрзнување на цените на неколку основни прехранбени производи.

Тој додаде дека цените на млечните производи се намалуваат за десет отсто во однос на цените кои се применувале на први март 2023 година, во трговијата на мало.

-Во период на справување со последиците од глобалната економска и енергетска криза, не дозволуваме никој да биде оставен сам, ниту пак некој да профитира врз грбот на граѓаните. Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски е посветена на заштита на стандардот на граѓаните и постојана поддршка во време на светска економска и енергетска криза, рече Каевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува од 16-ти март сите производители и трговци да постапат по овие две владини одлуки.

Владата на Димитар Ковачевски од 1-ви март ја ограничи цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари и покрај противењето на големите индустриски пекари.

Слични содржини