Рестораните и кафулињата од четврток 21 јануари ќе работат до 21 часот, објави премиерот Зоран Заев, откако на вчерашната владина седница ги разгледале епидемиолошките насоки.
-Со одлуката се враќа работното време на овие објекти утврдено со претходната одлука, односно тие ќе можат да работат до 21:00 часот, со исклучок на рестораните и другите угостителски објекти на аеродромите, на бензинските пумпи и во хотелите кои од 21 јануари ќе можат да работат со редовното работно време согласно законот, соопшти владината прес-служба.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека следната недела, откако ќе се анализира епидемиолошката состојба во земјата, можно е да се дозволи угостителските објекти да работат до 23 часот.
Претходно и министерството за економија беше под засилен притисок од коморите на угостителите да се продолжи работното време до 23 часот.
„Не постои во светот индустрија која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30 и 50 отсто од своите капацитети. Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни обврски, додека прометот и приходите се толку смалени“, велат од Независната угостителска комора.
Угостителските објекти од 18 декември работат до 18 часот како дел од мерките на Владата донесени пред новогодишните празници, со цел да се спречат групирања и новогодишни прослави.