„Кајмак“ на Манчевски патува во Стокхолм, Рим, Хаг, Лондон, Буенос Аирес, кинопремиери во Холандија и Хрватска

од Nikola Popovski
159 прегледи

Филмот„Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски ја финишира извонредно успешната и плодна фестивалска година со проекции во Стокхолм, Рим, Хаг и Лондон, а следната година ја стартува во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина. Филмот од 2 ноември е и на редовниот кино репертоар во Хрватска.

На крајот на месецов, режисерот Манчевски ќе присустува на проекцијата во Хаг и ќе одговара на прашања на публиката, по што ќе почне и кино прикажувањето низ Холандија. Исто така, Манчевски ќе присуствува и на проекцијата во Рим. На барање на Македонската амбасада, на 29 ноември „Кајмак“ ќе се прикажува во Лондон за студентите и поширокиот академски аудиториум на University College London. Минатиот месец, пак, „Кајмак“ го отвори 18. издание на Македонскиот филмски фестивал во Торонто.

На покана на Институтот за филм на Шангајскиот универзитет и шпанскиот Универзитет на Кастилја-Ла Манча, Манчевски минатиот месец во Толедо, Шпанија одржа десетдневен семинар за филмска режија, за класата студенти на овие универзитети. Изминатава годинава Манчевски одржа серија мастеркласови на фестивалите низ светот, од Токио, преку Калабрија, Тирана, Торонто и други, кои предизвикаа особено внимание кај стручната јавност и публиката.

„Мастерклас кој беше елоквентен, духовит, пркосен и помалку застрашувачки“, рече „Варајати“ за оној во Токио. „Уметник кој му објави војна на компромисот“, „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“, рече албанската државна агенција АТА.

„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Досега освои шест фестивалски награди.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.

Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“). Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Федерацијата на здруженија на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International.

Слични содржини