Ние сме се наслушале за реторички национален консензус. Кога ќе ги прашаш сите политичари дали сте за ЕУ, сите викаат да. Кога ќе речеш дали под овие услови и со оваа преговарачка рамка – половината ги нема. Во моментов за жал немаме национален консензус за да продолжиме кон ЕУ, рече денеска претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Според него, прва обврска на државата во таа смисла е отворање на Уставот и дека „тука треба да се покаже дали сме за ЕУ или не сме“.
-Содржината на преговарачката рамка ни е позната, барањето за да ги внесеме Бугарите како дел од народ во Преамбулата е позната. Ако веќе имаме шест делови од други народи кои живеат тука плус Македонците, што е спорно? Како ја рушиме македонската држава ако внесеме уште Бугари, Црногорци и можеби Евреи, праша Пендаровски.
Претседателот смета дека позициите на опозициските партии во однос на уставните измени се „толку вкопани од таа партиска реторика од која очекуваат успех на следните избори и не ја напуштаат, што не гледам маневарски простор дека можам некако да помогнам“.
-Имате заверени изјави на нотар дека ни на сон нема да потпишат промена на Устав. Решението е постојано јавно да објаснуваме дека ако ги ставите Бугарите во Уставот не ја рушите државата. Ние веќе имаме шест делови од народ плус македонскиот и не гледаме дека Македонија е пропадната заради тоа, рече Пендаровски како одговор на новинарско прашање.