Како алва се продаваат станови по цена од 1500  евра за квадрат во атрактивни скопски општини 

од Берта Китинска
2,K прегледи

Речиси никој не е изненаден од еден од последните огласи за продажба на станови во градба во скопско Дебар Маало по неверојатна цена од 1600 евра за м2. За нов стан во општина Центар заинтересираните треба да издвојат до 1500 евра за м2, додека во Карпош во зависност од локацијата износот се движи од 1200 до 1500 евра.

Во Реонски центар Аеродром цените се во опсег од 950 до 1200 евра, а во Ново Лисиче од 850 до 1000 евра. Поскапени се и становите во Ѓорче Петров и сега достигнуваат до 1000 евра за м2, додека пак  изградбатата на трговскиот центар Skopje East Gate ја покачи и цената на становите во Автокоманда каде сега таа достигнува 1000 евра за м2.

Анализата на податоците на Агенцијата за катастар на недвижнини покажуваат дека во вториот квартал годинава е регистриран историски раст на цените на недвижнините.Имено во овој период недвижностите поскапеле за дури три проценти, раст каков што не е регистриран од 2010 година. Ако се споредува на годишно ниво, цената на недвижностите се зголемила уште подрастично во однос на истиот период лани, односно за дури 4 проценти.

Побарувачката за станови ја крена цената на недвижностите, но ги вивна и станбените кредити. Народната банка регистрира годишен раст на овој вид кредити од над 14 проценти.

Познавачите на состојбите на пазарот на недвижности укажуваат дека фантастичниот раст на цените продолжува, а не е намален ниту трендот на зголемен интерес за купување. Претседателката на Управниот одбор на Групацијата на агенции за недвижности, Лилјана Ковачева, во разговор за Локално.мк посочува дека пазарните цени растат како резултат на побарувачката.

Според неа, во период по првиот шок од короната, пазарот на недвижности се стабилизирал, а во Скопје дури се појавил и зголемен интерес, на што пазарот одговорил со зголемување на цените.

„За ваквите состојби во Скопје секако придонесува и намалениот обем на градба во последните неколку години, поради мораториумите на некои урбанистички планови и слични политки на локалните власти, а во извесна мера придонесе и аферата со Еуростнадард Банка, каде луѓето сфатија дека најсигурна заштеда – инвестиција секогаш се недвижностите’’, вели Ковачева.

Повикувајќи се на податоците од терен, посочува дека како и пред короната, во Скопје најскапи се становите во Центар и на Водно, но не заостануваат многу и другите урбани населби – општини (Карпош, Аеродром).Стабилни според неа, се побарувањата и во сите остантати реони на градот Скопје.

Што се однесува до цените на становите во другите градови Ковачева вели дека освен неколку исклучоци, нема значитално зголемување на пазарните цени, туку напротив дури и благ пад.Тврди дека е тешко да се прогнозира трендот на раст на цените како и побарувачката за станови во Скопје, иако засега нема индикации дека во брзо време ќе се намали побарувањето за станови во главниот град.

Според Душко Чифлиганец, сопственик на градежната компанија Адора, корона пандемијата самата по себе не може да биде единствена причина за растот на цената на становите.

Во разговор за Локално мк. тој вели дека овој пораст е комбинација од неколку глобални економски, фискални и пазарни параметри, како и одредени случувања во делот од  урбанистичките политики на некои од нашите локални власти.

„На домашниот пазар на недвижнини во нашата држава, сметам дека најголем фактор е намалената понуда на станови изминатите неколку години наспроти континуираната солидна побарувачка на недвижнини која што постои во нашата држава. Ова најмногу се однесува  на  скопската општина Центар каде поради таканаречениот мораториум веќе речиси четири години, и во голем дел од општината за некои од инвеститорите, вклучувајќи ја и Адора, севуште не постои можност да се гради’’, посочува Чифлиганец.

Фактор кој тој би го издвоил како инфлуенсер врз растот на цената на становите е и инфлацијата, а која како што вели „ е  резултат на намаленото снабдување поради условите и ограмничувањата на работа и производство наложени од корона пандемијата, но исто така и делумно поттикната од ниските каматни стапки и фискалните инекции ширум светските економи’’.

Во оваа насока Чифлиганец потсетува дека некои ставки во сферата на градежните материјалели  имале раст и до 100%.

„Исто така, голем фактор претставува и намалувањето на пасивните камати во банките, што луѓето дополнително ги мотивира да ги инвестираат своите заштеди во недвижнини’’, вели сопственикот на „Адора’’.

Потсетува дека неговата компанијата веќе извесен период  работи во Србија на една од најпосетените планински дестинации на Балканот, Златибор.„Цените за нашиот иновативен проект во Златибор се движат помеѓу 2000 и 3000 евра за метар квадратен’’, вели Чифлиганец според кој цените на недвижностите во Р.Србија се обликувани од други дополнително позитивни фактори од различни типови и природа, и имаат значајно поширока ценовна еластичност споредбено со нашата држава.

Ставот го поткрепува со анализа на пазарот на недвижнини во Србија, а според која  цената на квадратот кај нашиот северен сосед се движи од 1300 евра за метар квадратен во некои периферни градови па се до неверојатни 9000 евра за м2 во некои од најелитните општини во Белград.

К.В.С.

 

Слични содржини