Како ДПМНЕ тивко го задуши Илинден во Крушево

од Vladimir Zorba
88 прегледи

Ако нешто со душа сме чекале уште од деца, тоа е прославата за Илинден.

FB_IMG_1470152317789

За да ја пречекаме коњаницата која пристигнуваше во 18ч. ние помалите веќе бевме во градскиот парк во 17:30, стокмени, за да фатиме место. Вчера ме заболе срце колку беше мизерен пречекот. Паркот полу празен, само понекои деца кои се радуваат на комитите како ние порано. Коњаницата беше побројна од луѓето кои ја следеа по главната улица. А главната улица пола раскопана, не се погрижија бар за празникот да е проодна.
Гумења порано пак уште од кај споменикот на Карев беше наредена со тезги за играчки, сувенири, пуканки, шеќерни волни, мерак за детските очи. Вчера, бројот на тезгите беше пола од тоа.
За луѓе да не правам муабет, порано моравме за раче со братучед ми да се држиме за да не се изгубиме. Една година дури од гужва се изгубивме со друштвото и ни требаше половина час за да се најдеме. Вчера позади мене можеше и фудбал да се игра. Освен крушевчани, ретко да се види некој друг. Во градот 85-90% од туристите се параглајдеристи кои абер немаат што е Илинден.
Но ова не е од моментот кога дојде вмро на власт туку тие се погрижија се поболно да го задушат Илинден. Почнаа ентузијастички со ‘Етно Град’, проект кој беше надеж за крушевчани, како што и самото вмро беше надеж за многумина кога дојдоа на власт. Во текот на годините ‘Етно град’ стана ‘Етно село’, се одржува се помалку денови, програмата е се помизерна и со исти артисти (фолк) две-три години по ред. Вистинските симболи на двете борби, двата Илиндена, се во очајна состојба.
– споменикот на борците пред Македониумот е почнат да се фарба и не е довршен, а секоја година таму се положува цвеќе на 1ви август. Изгледа тоа нивното ‘ не ме фарбај’ сериозно го сфатиле
-Музејот на НОБ го немам видено во функција ( да не заборавиме дека Крушево како град дал многу народни херои во борбата против фашизмот) како и разрушената летна сцена до него каде како мали гледавме безброј претстави и филмови.
-споменикот на Мечкин Камен е распукан, позеленет и никој не се грижи да го исчисти ( ова важи и за бистите на народните херои од НОБ, кои освен од срам на какво дереџе дојдовме позеленеа и од негрижа)

И така Дпмне болно и тивко го убива Илинден секоја година. Ја менуваат градската култура, слават ‘борци’ како Александров, го поделија градот на мои и твои. Турците може ни го задушија востанието ама овие ни ја задушија прославата, единствени денови кога сите крушевчани пулсирале заедно.

Единствени за пофалба овие денови останаа угостителските објекти кои нудат програма подобра од онаа што треба да следува и вредните жени кои со помош на американската амбасада (нели смрт за странските душмани) ги продаваа своите домашни слатка, чаеви, зимници и зачини.

Се надевам дека крушевчани подолго време ќе ги видам обединети, особено младите и заедно да го вратиме изгубениот дух на градот.

Нека ни е честит Илинденот и Асном.
Во 1903та победи храброста, а најбитно дека во 1944 ни победи државата.

Слава им на сите кои животот го дале за слобода.

Теано Кардула

Фејсбук статус